ОБИД ЗА КИДНАПИРАЊЕ ДЕТЕ ВО БИТОЛА: Јас сум Мрзливко, дојди да си играме криенка, му рекол непознатиот и го однел среде река

/ 25.06.2022

Веста дека во средата во 11.40 часот од дворот на семејната куќа во битолско Буково исчезнало три ипол годишно дете, кое било пронајдено по околу три часа, ја вознемири јавноста. Како што утринава раскажа за ,,Фокус” претседателот на Месната заедница Буково, Горан Кабровски, момчето било пронајдено како стои среде река, а на родителите и на полицијата им раскажало дека возрасен маж го зел од дворот и го однел во шумата.

Родителите, наши иселеници кои живееле и работеле во Германија околу десеттина години, периодов се вратиле на одмор во родното Буково, бидејќи планирале да прават крштевка на помалото дете. Тие, вели Кабровски, потресени од случајот, понудиле награда од 100.000 евра за оној кој има информација која ќе доведе до пронаоѓање на киднаперот на нивното дете.
Телефонот постојано ми ѕвони од средата, откако се случи настанот, затоа сакам уште еднаш јавно да раскажам детално за случајот, во надеж дека ова лице ќе биде пронајдено. Жителите се премногу вознемирени и стравуваат за своите деца, апелирам да се покаже најголема ажурност од службите и да се дознае вистината – вели Кабровски.

Додава дека таткото на момчето бил негов пријател, и веднаш штом забележале дека го нема, му се јавиле телефонски, бидејќи тој имал дрон. Тој пак, ги алармирал сите сожители, и за кратко време се собрало доста народ пред куќата на момчето.

Бев во Битола кога го добив повикот од вознемирениот татко. Се вратив веднаш во Буково, дојдоа многу луѓе, дојдоа од горската служба, веќе започнавме со потрагата, полицијата дојде потоа. Тоа беа моменти на огромен страв, родителите беа избезумени од грижа. Поради густите грмушки, со дронот не можевме да видиме ништо. Местото каде дури во 14 часот го најдовме детето, како стои среде река, која за среќа не е многу длабока, пред тоа неколкупати го пребаравме. Се создаде голема паника помеѓу мештаните, тоа беа многу лоши сцени. Момчето не зборува македонски, туку германски, и потоа, откако го најдовме, преплашено му раскажа на татко му што се случило.

Според него, додека си играло во дворот, му пришол маж со средна висина, со црна кадрава коса, кој зборувал македонски, но и германски. Му рекол – Јас сум Мрзливко, ајде дојди заедно да си играме криенка. Тоа е мало дете, му дало рака и заминало со него. Го одвел во шумата, а откако ние масовно започнавме да го бараме и да го довикуваме, го скрил во грмушките и му се заканил да не вика, бидејќи ако прозбори, нема да го врати кај татко му. Потоа, го однел во реката и го ставил таму, среде вода. Верувам дека станува збор за лице кое не е од Буково, и апелирам за негово најбрзо пронаоѓање. Немам никаков сомнеж дека детето не ја зборува вистината, во целост му верувам, разговараа и психолози со него, тоа беше толку преплашено од целата случка – вели претседателот на Месната зедница.

Додава дека семејството истрауматизирано од немилиот настан, денес си заминало повторно во Германија. Токму поради доживеаната траума, таткото му кажал дека ја нуди наградата од 100.000 евра за пронаоѓање на киднаперот, а секој кој има било каква информација, да се обрати во полицијата.

-Она кое дополнително ги вознемири жителите е и исчезнувањето на Николче Николовски (34) од Буково, кого го нема веќе еден месец. Излегол од дома со автомобилот, и не се вратил. Не е пронајден ниту тој, ниту пак неговиот автомобил од марката Форд Фиеста, со регистарски таблички БТ 852 ДК. Жителите се потресени и од тој случај, а сега се случи и ова. Јавноста се сеќава и на исчезнатите деца од околината, значи станува за места оддалечени од Буково околу 30 километри, Петар Џобески (10) од Прилеп, по кого се трага со месеци и исчезна од село Врпско, но и малата Ангела Ѓорѓиоска (6) од Дуње, која исчезна во 2009 година, а по шест месеци беше пронајдена мртва во планина. Сето тоа е доволен мотив ние да бараме разрешување на случаите, бидејќи луѓето се плашат да ги остават децата сами- вели Кабровски.

Како потсетување, во 2013 година, од Лешани исчезна и 14-годишната Маја Блажеска, чие тело беше пронајдено по околу два месеци на Илинска планина, а според МВР, нејзиното срце престанало да чука поради изложеноста на ниските температури во планината. Како се нашла среде планина, таа, но и Ангела од Дуње, никогаш не беше откриено.

-Се сомневаме дека овде, во овој крај оперира киднаперот, а по случајот со момчето, кој не вознемири сите, нашите сомнежи се уште поголеми. Добро беше тоа што мештаните веднаш, за најкраток рок се мобилизираа, излегоа откако им упатив апел, и потрагата започна веднаш. Луѓето не смеат да живеат во страв, бараме итно откривање на сторителот- раскажа тој.

Од СВР Битола денес не одговорија на телефонските повици на ,,Фокус” со цел да ги соопштат деталите за настанот кој ја вознемири јавноста.


Од истата категорија