Дарко Јаневски
Брус Мецгер (1914-2007), поранешен професор на Теолошкиот факултет во Принстон е автор на повеќе од 50 книги чија тема е Новиот завет. Се смета за еден од најголемите експерти кога е во прашање оваа област, а со него своевремено разговарал новинарот Ли Стробл на прашања поврзани со Исус, неговиот живот и Библијата (сопругата на Стробл почнала повеќе до вообичаено да се интересира за христијанството и Библијата, па Стробл сакал да дознае дали сето тоа што го нарушува нивниот дотогашен атеистички живот има вредност).
Една од темите на разговорот било и Евангелието по Тома, кое го сочинуваат 114 изреки на Исус, а каде најинтригантен е можеби почетокот на Евангелието каде се вели дека „тој кој ќе го сфати значењето на овие зборови, нема да ја вкуси смртта“. Звучи примамливо, нели? Се што треба да направите е да ги сфатите тие изреки за кои се тврди дека се на Исус.
Инаку, со ова Евангелие современиот свет за прв пат се запозна по откривањето на документите ископани во 1945 година кај Наг Хамади во Египет. Оттогаш важи за еден од најконтроверзните документи поврзани со Новиот завет.
Почетокот на Евангелието во списот откриен кај Наг Хамади
Но, ова Евангелие не е дел од Библијата, а еве што Мецгер мисли за тоа:
„Евангелието се појави на светлост на денот во копија од 15 век на коптски јазик, а јас го преведов на англиски. Тоа содржи 114 изреки припишани на Исус, без да се раскажува неговиот живот и тоа што го правел. Изгледа дека е напишано на грчки околу 140 година во Сирија (ако е тоа точно, тогаш автор не е апостол Тома, н.з.). Во некои случаи мислам дека Евангелието коректно пренесува што Исус кажал, со благи корекции. На пример, во Евангелието по Тома, Исус кажува: „Град изграден на високо брдо не може да се сокрие“. Во овој случај, зборот „високо“ е додаден, но останатото е исто како и во Евангелието по Матеј. Или во ова Евангелие, Исус вели: „Дајте му го на царот царевото, на Бог – божјото, а мене дајте ми го тоа што е мое“. Во овој случај, последната фраза „дајте ми го тоа што е мое“ е додадена.“
„Но, постојат нешта во ова Евангелие кои се целосно туѓи на канонските евангелија. Исус вели: „Расцепете го дрвото, јас сум таму. Подигнете го каменот и ќе ме најдете“. Тоа е пантеизам. Идеја дека Исус е секаде околу нас во материјата на овој свет. Тоа е спротивно на се што содржат канонските евангелија. Но, клучното дека Евангелието по Тома завршува со зборовите: „Марија нека си оди од нас, зашто жените не се достојни да живеат (наводни зборови на апостол Петар, н.з.). На ова Исус вели: „Јас ќе ја водам за да ја сторам маж, за и таа да може да биде жив дух. Зашто секоја жена која ќе стане маж ќе влезе во царството небесно.“
Уметничко видување на апостол Тома
Тоа е не Исус кој го знаеме“, објаснил Мецгер.
Според него, не постои никаков заговор за исфрлање на ова Евангелие од Библијата, туку едноставно тоа си пресудило само себе си.
„Мислам дека раната црква правилно постапила исфрлајќи го. А да се прифати сега, значи да се прифати ншто што е помалку вредно од другите евангелија. Немојте погрешно да ме разберете. Мислам дека тоа е мошне интересен документ. Но помешан со пантеистички и антифеминистички изјави кои секако треба да се отфрлат“, објаснил Мецгер.