Облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините во снег ќе преовладува во текот на оваа недела. Од четврток поради заладување врнежите на повисоките и на некои пониски места ќе преминуваат во снег, а во одделни котлини ќе има услови за магла.
За денеска синоптичарите најавуваат променливо време со подолги сончеви периоди претпладне, а веќе од попладне се очекуваат врнежи од дожд во западните делови и снег на планините. Повремено врнежите ќе бидат пообилни. Во текот на ноќта, врнежите ќе се прошират и во останатите делови, но ќе имаат послаб карактер. Ќе дува умерен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10 степени.
Во Скопје денеска ќе биде променливо облачно со слаба магла претпладне, а преку ден ќе дува умерен ветер од југоисточен правец. Во вечерните часови и во текот на ноќта ќе врне дожд. Максималната температура ќе достигне до пет степени.
Утринава најстудено е во Петровец кај Скопје каде во 07:30 часот се измерени -10 степени, а најтопло во Дојран каде температурата е два степена.