Мексиканските власти го продадоа претседателскиот авион, кој беше ставен на продажба пред неколку години, на Владата на Таџикистан за 1,66 милијарди пезоси (92 милиони долари), објави на Твитер претседателот Андрес Мануел Лопез Обрадор.
„Ги информирам народот на Мексико дека е склучен договорот за купување и продажба на претседателскиот авион. Владата на Таџикистан префрли 1.658.684.400 пезоси според официјалната проценка“, напиша тој на својата страница на Твитер.
Средствата ќе бидат наменети за изградба на две болници, изјави шефот на мексиканската држава. Авионот, нарачан уште во 2012 година од претседателот Фелипе Калдерон, пристигна во Мексико во февруари 2016 година, кога на чело на земјата беше Енрике Пења Нието.