Го објавуваме целиот текст од денешното обраќање на претседателот Стево Пендаровски пред пратениците во Собранието на Република Македонија.

Почитувани граѓани, почитуван претседател на Собранието,

Почитуван премиер, почитувани пратеници,

почитувани министри, ценети гости,

Ваши Екселенции, претставници на медиумите,

Дозволете ми, на самиот почеток, да ве повикам да им оддадеме едноминутна почит на нашите сограѓани кои ги изгубија своите животи во сообраќајната несреќа во Бугарија, во пожарот во модуларната болница во Тетово и на сите оние кои оваа година починаа од Ковид -19.

Слава им!

Исклучително ми е тешко, втора година по ред, да го започнувам моето годишно обраќање во Собранието со оддавање почит на нашите граѓани кои повеќе не се меѓу нас. Серијата на ужасни лични трагедии и колективни трауми на нацијата треба конечно да ја разбудат совеста во македонското општество и одговорноста на надлежните институции, затоа што нема ништо повредно од човечкиот живот и ништо понеправедно ако губењето на тој живот е поради човечки фактор, системски пропусти или прекршени правила.

Почитувани,

Реформите во сферата на владеењето на правото се далеку најважниот приоритет за државата и според моја проценка тоа ќе бидат и треба да бидат и во годините што се пред нас, сосема независно од нашето темпо на приближување кон Брисел. И покрај одредениот напредок, констатиран во последниот Извештај на Европската комисија, останува нашата стара обврска која неретко не ја почитуваме, реформите да ги имплементираме во пракса до крај.

Најважен аспект во изградбата на функционална правна држава е еднаквоста пред законот, односно, неселективноста на правдата. Со законите што ги носиме не смееме да ги привилегираме оние кои не го почитуваат поредокот, наспроти оние кои го почитуваат. Посебно разочарува тоа што, за жал, сите релевантни истражувања на јавното мислење го докажуваат растечкото чувство меѓу граѓаните дека во државата владеее културата на неказнивост. Единствениот начин да ја вратиме довербата во институциите е да имаме правна завршница во секој случај каде што постои сомневање за сторени

кривични дела. Големата автобуска несреќа во која загинаа 45 наши граѓани е само последниот во низата вакви случаи. Доколку овој, како и некои претходни случаи не добијат судска завршница во разумен рок, недовербата на граѓаните само ќе расте. Општество со такви тенденции е плодна почва за појавата на авторитарни и популистички лидери кои наместо квалитетен процес ветуваат “брза и ефикасна” правда.

Неселективноста во владеењето на правото и одговорноста е најдобриот начин да ја надминеме општествената апатија која се шири и разочарувањето, особено меѓу помладите кои не веруваат дека некогаш во оваа држава може да има правда. Многу истражувања потврдуваат дека емиграцијата на нашите сограѓани, во голема мерка, не е предизвикана само од егзистенцијални причини, туку и од квалитетот на животот.

Со други зборови, луѓето заминуваат во оние држави каде што има правда, таму каде што и најбогатите и најмоќните одговараат за кршењето на законите, исто како и луѓето кои се истуркани на периферијата на животот.

Почитувани пратеници,

Пред еден месец потпишавме заедничка декларација со НАТО со која и формално го заокруживме процесот на военото интегрирање во Алијансата. Иако здравствената и енергетската криза притискаат за поинаков распоред на буџетските приоритети, мораме да останеме посветени на вложувањата во одбраната и безбедноста затоа што тие се основата за функционирање и на сите други општествени сектори. Ќе споменам само два примери од последнава година кога се уверивме дека инвестирањето во одбраната значи инвестирање и во справувањето со тешки ситуации и во сосема други области. Сите бевме сведоци за ангажираноста на Армијата во текот на најголемите пикови на пандемијата кога делови од армиските единици беа ангажирани во поддршка на здравствените и други институции во државата. Или, пожртвуваното учество на Армијата во справувањето со пожарите во текот на ова лето.

Членството во НАТО ни помага подобро да се носиме и со старите, но и со новите безбедносни закани. Следната голема реформа која е веќе во тек во западните системи на областа на одбраната, безбедноста и разузнавањето е заради подобро соочување со хибридните и кибер/сајбер закани, и со нивниот најистурен аспект, дезинформациите.

Пандемијата ни покажа колкава може да биде моќта на дезинформациите врз јавното мислење. Наспроти сите егзактни статистички показатели кои докажуваат дека помошта во медицинска опрема и вакцини од Европската Унија и на билатерална основа од десетина членки на западната алијанса е убедливо најголема, генералната перцепција меѓу граѓаните е дека западниот Балкан беше заборавен од нашите сојузници. Верувам дека наш национален интерес е, час поскоро, на системски начин, да почнеме да ја унапредуваме медиумската писменост на граѓаните, особено на младите во основните и средните училишта. Тие дигитални генерации се деца на глобализацијата, пораснати се на интернет, и за да не станат први жртви на дезинформациите треба да знаат самите да ги препознаваат. Во спротивно, самопрогласените пророци на социјалните мрежи ќе ја добијат битката со најголемите светски умови и ќе натераат многу наши граѓани да веруваат во конспиративните теории, наместо во науката и здравиот разум.

Во врска со новите безбедносни предизвици сакам да укажам на една потенцијална опасност со која се соочуваат и многу држави, далеку поразвиени од нас и во економска и во демократска смисла. Имено, зад параванот на таканаречените големи инвестиции и инфраструктурни вложувања некогаш се кријат стратешки мотиви за полесен пристап кон нас и овој дел на Балканот. Како дел од обврските што сега ги имаме како членка на НАТО, но, и заради усогласување со европската безбедносна политика, минатата година со американската влада потпишавме Меморандум за разбирање со кој се оневозможува инсталирање на чувствителна телекомуникациска опрема која може однадвор да биде злоупотребена за собирање податоци за македонските граѓани. Со други зборови, државата има обврска сите најави за големи странски вложувања да ги проверува и од безбедносен и од стратешки аспект, независно колку тие изгледаат економски атрактивно на прв поглед.

За едно друго прашање од оваа област сум зборувал и во други прилики, но, мораме да го држиме во фокусот затоа што е исклучително важно, имено, станува збор за департизацијата на институциите во сферата на одбраната и безбедноста. Политиката мора да ја држиме што подалеку од армиските редови и од службите.

Вработените во овие институции, се разбира, како и секој граѓанин, имаат право на свое лично политичко убедување, но, кога во нивното работење се соочуваат со дилемата: партијата или државата, тие мораат да ѝ служат единствено на државата, независно од политичката гарнитура на власт. Припадниците на безбедносните служби кои сакаат да се бават и со нивната професионална работа и со политика, ќе мораат да се определат или за едното или за другото.

Почитувани,

Откако нашиот пат кон Европската унија беше неправедно блокиран, сите ние, целата нација, политичарите и на власт и во опозиција, во последниве две години, освен разочарани, станавме и опседнати околу тоа кога во Брисел ќе биде дадено зелено светло за почеток на преговорите. Јавноста е сведок дека јас сум еден од оние кои во изминативе децении бил конзистентен во ставот дека Унијата е најдобрата опција за нас и искрено, едвај го чекам денот кога ќе ги отвориме, а уште повеќе денот кога ќе ги затвориме преговорите за членство. Меѓутоа, во актуелниот контекст, кога ги знаеме нашите црвени линии и јавно ги браниме, не треба да бидеме преокупирани со тоа колку време ќе им треба на другите да се соочат со вистината за нас. Наместо тоа, треба да бидеме опседнати со клучните реформи дома од кои зависи квалитетот на животот на нашите граѓани.

Инаку, од почетокот на бугарската блокада, до денес, се залагам за внимателен и обмислен пристап во преговорите, без нагли пресврти, затоа што се работи за прашање од апсолутно највисок национален интерес, а кога сте соочени со предизвик од таков калибар, брзањето не ви е секогаш најдобриот сојузник.

Нашиот источен сосед изминатава година имаше серија на избори и независно од емоциите кои ги провоцира изборниот амбиент, она што загрижува е што слушнавме и реторика која ги надминува сите досегашни тврдења поврзани со нашата историја, јазик и идентитет. Една од тие тези е дека спроведуваме системска дебугаризација што е сериозно обвинување кое се разбира нема ништо заедничко со реалноста. Невозможно е амбасадорите на 30 држави кои имаат свои амбасади во Скопје, од кои 16 се земји-членки на Европската унија и кои на дневна основа ги следат состојбите кај нас, да не известат во своите главни градови за еден таков процес, кој ако постои, би бил рамен на геноцид.

Од неодамна, таму имаме нова Влада и претседател со нов мандат кои испраќаат и поинаку интонирани пораки.

Со дел од нив сум целосно согласен. Имено, акцентот во нашите односи да го пренесеме, од минатото во сегашноста и наместо за етничките чувства на луѓето од пред 10 векови, да зборуваме за иднината, за енергетско и инфраструктурно поврзување и, на пример, за коридорот 8 кој никогаш не стана конкурентен на коридорот 10, се разбира, на штета и на македонските и на бугарските национални интереси.

Во врска со блокадата на европските интеграции сакам да се реферирам и на една теза која ја слушаме во последно време, а тоа е дека пролонгираната состојба на статус кво, наводно, може да предизвика безбедносна дестабилизација на државата. Денес овде пред вас, сакам јасно да кажам дека се работи за анализи и предвидувања кои не се втемелени во реалноста и кои можат само непотребно да ги вознемират граѓаните. Ние сме членка на НАТО, директно граничиме со три членки на Алијансата, а во Европската унија сите членки освен една, сметаат дека за почетокот на тој процес имаме направено повеќе демократски реформи од било која друга држава-кандидат, во моментот кога требала да ги започне преговорите.

Немаме дилема околу тоа дека европските интеграции немаат издржана алтернатива за нас, но, тие секако имаат своја цена. Ако таа цена значи откажување од нашиот идентитет, не гледам политичар кај нас кој ќе сака да го продаде својот народ за такви европски интеграции. Неодамна, со апсолутен консензус усвоената Резолуција во ова Собрание за македонските државни позиции е доволно индикативна во таа насока.

Да повторам, нашите граѓани можат да бидат спокојни, и ако блокадата потрае, не ни се заканува никаква безбедносна дестабилизација независно од бројот на нон-пејпери кои некои упорно ги лиферуваат. Меѓутоа, можно е нешто друго. Искуството по НАТО самитот во Букурешт 2008-та не учи дека е можно демократско назадување и облици на авторитарно и популистичко владеење на поединец, група или партија.

Но, одговорноста за таков евентуален развој на настаните нема да лежи кај нашите граѓани, туку кај нас – политичарите. Ние мораме да покажеме дека конечно ги имаме научено трагичните лекции од нашето скорешно минато кога бевме на самиот раб на поширок граѓански судир.

Конечно, преголемата фокусираност на преговорите со ЕУ го фрлија во втор план, она што е суштина во меѓународните односи, процесите на градење на добри билатерални односи, пред се, со земјите со кои споделуваме исти цели и вредности. Оттука, во наредниот период ќе биде неопходно со новата влада со забрзано темпо да пристапиме кон пополнување на испразнетите амбасадорски места и со здружени напори да посветиме поголемо внимание на билатералните релации кои опфаќаат многу повеќе аспекти, отколку само поддршка за членство во Европската Унија.

Почитувани,

Во моето годишно обраќање пред вас, пред две години, од ова место, го најавив проектот МКД 2030 кој беше замислен да ја постави стратешката рамка за развој на државата во следните 10 години. За жал, поради пандемијата, како и кај многу други проекти, работата на овој документ беше забавена, се разбира, не и заборавена. До овој момент, во рамките на повеќето работни групи кои се активни, свој придонес дадоа истакнати поединци од академската и бизнис заедницата, од граѓанскиот сектор, од ресорните министерства, од Собранието, стопанските комори, синдикатите, и од власта и од опозицијата. Иако светот изминатава година беше во карантин, ангажиравме и десетина истакнати интелектуалци од странство и од нашата дијаспора, за што на сите искрено им благодарам.

Сите тие имаа комплексна задача пред себе, затоа што членството во НАТО ја постави земјата во нов геополитички контекст, додека во исто време регионот на Западниот Балкан полека, но, сигурно започна да излегува од стратешките перспективи на големите сили. Пандемијата ги изложи на увид на јавноста сите системски слабости на општествената инфраструктура, како и областите во кои е потребно инвестирање како подготовка за пост-ковид светот.

Документот ќе содржи проценка на нашите силни, но, и слабите страни кои ќе бараат повеќе инвестиции и човечки капитал, со препорака каде да ги фокусираме нашите напори, со крајна цел, подобар живот за сите. При тоа, МКД 2030 ќе акцентира повеќе меѓузависни теми и области, од дигитализацијата, децентрализацијата и демократизацијата, преку еколошки, економски, аграрни и здравствени политики, сè до образованието и науката и борбата против масовното иселување на младите.

Во средината на 2022-та ќе го комплетираме и објавиме финалниот документ. Јас искрено се надевам дека од надлежните институции тој ќе биде преточен во Национална развојна стратегија, а, во годините кои доаѓаат ќе биде имплементиран од сите идни политички влади, без разлика на која политичка опција припаѓаат. Крајната цел е да создадеме структурирани системи со длабоки темели и со внатрешен потенцијал да опстојуваат самостојно, а не да зависат од тоа кој е на нивното чело.

Почитувани пратеници, почитувана јавност,

Децениските оспорувања на нашиот идентитет, нè натераа да се свртиме повеќе кон заштитата и промоцијата на националното културно наследство. Меѓутоа, во транзицијата, за жал, надвладеа вулгарниот нео-либерален концепт на тотална комерцијализација и во сферата на културата што во суштина задуши многу креативни акции на умот.

Крајно време е да се запрашаме што правиме наспроти културата на заборавот и негрижата која доминира, затоа што за Европа не се битни само судските и бирократски реформи, туку и нашиот културен влог. Во Европската Унија членуваат земји со уникатен социо-културен развој, таму не се оди како ничија земја, како дрво без корен. Ние имаме светски референтни дела на тој план и не смееме да бидеме исклучок од тоа правило, заради себе, не заради нив. Затоа е потребна далеку поголема грижа за нашиот јазик, за нашите стожерни културни институции, за нашите паметници, за виталните белези на нашиот идентитет.

Почитувани,

Споредено со претходните децении, на Балканот се забележува релативен економски прогрес, меѓутоа и значајно демократско назадување, што само го забрзува иселувањето на луѓето и ја зголемува нивната апатија. Во повеќето земји, автократските и популистички водачи добиваат се поголема поддршка од граѓаните, додека во исто време поддршката за европските интеграции е во надолна линија. Поради децениското заостанување во приближувањето кон Европа, екстра регионалните играчи го пополнуваат стратешкиот вакуум со вредности кои не се компатибилни со евро-атлантските. Најдобриот доказ во таа насока го видовме во изминативе 18 месеци преку таканаречената Ковид дипломатија.

Безбедносната ја потиснува во втор план интеграциската реторика и агенда, идентично како во раните 1990-тите години и иако е јасно дека не постои потенцијал за нови војни, во отсуство на политичка поддршка и ресурси за таков развој на настаните, очигледно е дека политиката на преферирана стабилократија и на статус кво доживува неуспех. Тоа беше конечно препознаено и од клучните субјекти на западната алијанса – Соединетите Американски Држави, Европската Унија и Обединетото Кралство кои назначија специјални пратеници за западниот Балкан што се нема случено никогаш во исто време, ниту во деведесетите години од минатиот век.

Наспроти сите проценки и очекувања дека регионот е неповратно поставен на западната патека, тенденциите во последниве години покажуваат значителен пад на поддршката за европските интеграции. Ние не само што не сме исклучок од тие трендови, ние, за жал сме рекордери во регионот според падот на поддршката која во релевантни истражувања изнесува и над 20% за само две години и тоа оди јасно по линијата на етничката припадност на луѓето што мора да биде сериозна причина за загриженост во една мултиетничка политичка заедница каква што е нашава.

Иако се јасни мотивите за таквата промена на расположението, имено, ниту еден европски народ не бил изложен на такви ирационални барања како македонскиот во своите обиди за меѓународна афирмација, треба да знаеме дека влегуваме во година во која, не само ние, туку, сите држави на западниот Балкан повторно ќе бидеме соочени со старите дилеми. Наспроти фактот дека просперитетот на државите од еден ист регион е меѓузависен, сепак, нашата иднина во најголем дел зависи од одлуките што ги носиме тука, во нашите национални институции. Критичен предуслов за вистинска одлука е внимателно да следиме што се случува околу нас и во меѓународните центри на моќ и да реагираме разумно и на време.

Првата можност пред нас е истоштени од долгата транзиција и очигледните неправди кон нас како народ, да поверуваме дека националистите и популистите знаат повеќе од сите други и имаат инстантни решенија за клучните проблеми, иако е познато дека ама баш никаде во светот не придонеле за среќата на луѓето и просперитетот на народите. Втората можност е да им дадеме поддршка во работата на скромните, разумни и некорумпирани поединци на национално и на локално ниво, кои знаат да го обединат потенцијалот на граѓаните и кои ги преферираат нивните доблести, знаења и човечки интегритет, а не само партиската и етничка припадност.

Два месеци потрошивме на локалните избори, уште повеќе време во партиски комбинаторики и калкулации за ново парламентарно мнозинство. Очекувам новата влада час поскоро да се позабави со реалните проблеми на граѓаните кои се намножија оваа година, од пандемијата и економијата сè до енергетската криза која допрва ќе се продлабочува.

Почитувани,

Иако не спаѓа во моите надлежности, ќе ми дозволите, сосема кусо да го прокоментирам повлекувањето од политиката на досегашниот премиер Зоран Заев, со кого во изминативе десет години заедно биевме битки во широкото граѓанско движење за човекови слободи и права. Независно од индивидуалните ставови на граѓаните за политиките на премиерот во заминување, на јавноста ѝ се познати неколку несогласувања и меѓу нас по некои прашања, тоа е неспорно чин што треба да се поздрави затоа што не се случува често во новите демократии. Факт е дека тој се повлекува кога неговата партија е на власт, а тоа е дијаметрално спротивна ситуација од 2017-та, кога не можевме да изведеме мирна транзиција на власта при оформено парламентарно мнозинство, што директно ги испровоцира настаните од 27 април, најголемиот срам за македонската демократија во историјата.

Сакале или не, политиката е дел од нашите животи, но, никогаш не смее да стане целиот наш живот. Кога човекот ја наоѓа смислата на своето постоење само во политичката моќ и владеењето со другите, кога доаѓањето и останувањето на власт е единствената кауза во нечиј живот, тоа ја отвора ширум вратата за конфликти и поделби меѓу луѓето.

Малкумина останавме да живееме во татковината, поделени сме по многу основи, и нови делби се последната работа која смееме да си ја дозволиме.

Да ви посакам во 2022-та да имате здравје вие и вашите најблиски и конечно да ги оставиме зад себе разговорите за вакцини, маски, карантини, изолација едни од други.

Старата мудрост вели ако имаме здравје за сите други проблеми во животот ќе најдеме решенија, но, сепак, би сакал да им порачам на сите наши граѓани и на сите политичари, во годината пред нас, да се обидеме барем малку повеќе и да се почитуваме меѓу себе. Од сите катастрофи на кои сведочевме последниве две години научивме, за жал, на потешкиот начин, дека ако ги немаме најблиските до нас, ништо не вредат ни богатствата, ни куќите, ни парите, ни власта.

Да сте сите живи и здрави и да ни е вечна нашата заедничка држава – Република Северна Македонија!

Ви благодарам!