Образовно и научно-истражувачката установа Лондон Метрополитен Универзитет од Велика Британија во јуни годинава ќе ги почне уписите на овластената партнерска установа Скопје Метрополитен.
Првата академска година почнува во септември, а студенти од нашата земја за првпат ќе имаат можност да добијат диплома од една ваква образовна институција, посетувајќи настава во Скопје.
Македонска делегација составена од претставници на владата, министерот за информатичка технологија и администрација Дамјан Манчевски, македонскиот амбасадор во Обединетото Кралство Александра Миовска и претставници на научната фела од Скопје Метрополитен, Ранко Цветковиќ претседателот на Бордот на директори и деканот проф. д-р Љубиша Петрушевски се во посета на универзитетот во Лондон, во чии рамки беа дискутирани студиските програми за почнување со студиите на „Лондон Мет“ во Скопје.
-Сите сме согласни дека покрај останатите, од особена важност се студиите за информатички науки, ставајќи акцент на почнување на програмите за сајбер – безбедност. „Лондон Мет“ е признаен со своите програми и истражувачки центри од областа на сајбер-безбедноста во светски рамки и ова претставува многу важна новина за македонскиот образовен систем, истакна Ранко Цветковиќ, претседател на бордот на директори на овој универзитет во Скопје.
Покрај студиите за информатички науки, студентите ќе можат да посетуваат студии од областа на економските науки и финансии, менаџмент во туризмот и хотелиерство.
Сајбер – безбедноста е образовно поле каде трансферот на know-how, е повеќе од потребен, па во таа насока експертското знаење и искуство од „Лондон Мет“, во чии рамки функционира еден од најпрестижните истражувачки центри за сајбер-безбедност во светски рамки ќе биде од особено значење за македонскиот образовен систем, нудејќи ги најновите научни и технолошки сознанија и во земјава.
Лондон Метрополитен е водечки британски државен универзитет со повеќе од едновековна историја и традиција. Во моментов има околу 14.000 студенти кои студираат во три кампуси во Лондон и повеќе партнерски институции надвор од Англија. Познат е фактот дека 95 проценти од дипломираните студенти во рок од шест месеци наоѓаат работа или продолжуваат со студиите.