Највисоките претставници на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) ги предупредија властите на Република Српска дека нивните чекори опасно го загрозуваат мирот во БиХ и целиот регион, додека Зелените во Европскиот парламент објавија дека Унијата е подготвена воено да реагира и веднаш да испрати 6.000 војници во БиХ.
Претседавачот на ОБСЕ, шведската министерка за надворешни работи Ен Линде и генералниот секретар Хелга Марија Шмид во изјавата рекоа дека обидите на РС еднострано да ги преземе сегашните овластувања на БиХ само ги зголемуваат тензиите и го загрозуваат сето она што е постигнато во БиХ во изминатите 26 години.
– Ги повикуваме политичките лидери на РС да се воздржат од негативни политички потези насочени кон поделба. Оспорувањето на Дејтонскиот мировен договор и уставниот поредок на Босна и Херцеговина со себе носи ризик од уривање на мирот во земјата и во регионот, се наведува во изјавата.
Поради кризата во БиХ, викендов во земјата пристигна делегација на Зелените/ЕФЕ од Европскиот парламент, чии членови разговараат со парламентарците и други официјални претставници на БиХ за да предупредат дека Европскиот парламент нема да биде само набљудувач на ескалација на кризата во БиХ, откако на 10 декември беа усвоени заклучоци со кои се повлекува согласноста на ентитетот за државните закони за одбрана, индиректно оданочување и за Високиот судски и обвинителски совет.
– Имаме гаранции од генералите (од ЕУ) дека можат да донесат до 6.000 војници во рок од 24 часа, изјави за телевизијата Н1 европратеникот Томас Вајц, кој е во Сараево заедно со претседавачот на делегацијата на Европскиот парламент за соработка со БиХ и Косово, Ромео Франц.
Пратениците на РС во парламентот на БиХ одбија да учествуваат во разговорите со Вајц и Франц, велејќи дека групата на Зелените/ЕФЕ во Европскиот парламент што ја претставуваат има „неурамнотежени ставови“.
– Тие ги игнорираат позициите на двата конститутивни народи, уставот и општата ситуација во земјата, а нивните позиции се усогласени само со желбите на бошњачката политика, изјави Снежана Новаковиќ Бурсаќ, која е пратеник во Парламентот на БиХ од Сојуз на независни социјалдемократи (СНСД).