Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) започнува со нова кампања за подигнување на свеста за насилството кон жените, со фокус на правата на жените насловена „Крај за молкот“, како придонес кон годинешните „16 Денови активизам против родово базираното насилство“.
Според истражувањето на ОБСЕ само два проценти ги пријавиле најсериозните инциденти во полиција.
За ОБСЕ, насилството врз жената не е лична работа и кампања ги охрабрува жените да ги пријавуваат сите случаи на насилство на бројот 0800-100-600 и да бараат помош во СОС Центарот на телефонскиот број 011/2645-328 (од 10-20 часот за време на работните денови).
Мотото „Крај за молкот“, како што информираат од ОБСЕ, ја потенцира една од главните пречки во борбата против насилството врз жените, а тоа е дека многу жени сметаат дека домашното насилство е лична работа и многу малку жени жртви на насилство зборуваат за истото, додека уште помалку, насилството го пријавуваат во институциите.
Кампањата, исто така, нагласува дека во борбата против насилството врз жените, жртвите на насилство не смеат да бидат осудувани, а органите за спроведување на законот се одговорни да ги заштитат нив во согласност со законот.
Во рамки на кампањата во декември, ќе бидат доставени 300 постери до сите полициски станици низ земјава, со цел да се крене свеста за насилството врз жените и улогата на полицијата во справувањето со истото.
Кампањата, информираат од ОБСЕ, се базира на клучните наоди од „Истражувањето на ОБСЕ за благосостојба и безбедноста на жените“ од 2018, за кое биле интервјуирани преку 15,000 жени. Во него се вклучени седум земји учеснички на ОБСЕ: Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Србија, Молдавија и Украина. Преку 1,900 жени од Северна Македонија биле дел од истражувањето.
Според истражувањето, насилството врз жените останува широко распространето низ светот, вклучително и во Македонија, и ги засега жените на секаква возраст, без разлика на нивниот финансиски статус и потекло.
Половина од жените (45%) во Македонија, покажуваат резултатите од истражувањето, биле жртви на психичко, физичко или сексуално насилство од својот партнер. Истражувањето покажува дека три од пет (60%) жени мислат дека насилството врз жената е често, а речиси три од десет жени сметаат дека насилството врз жената во Македонија е многу честа појава.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, верува дека молкот и стигмата придонесуваат случаи на насилство врз жените и девојчињата да останат непријавени и неадресирани.
– Време е да го запреме ова. Насилството врз жените и девојчињата е неприфатливо, дискриминирачко и мора да се осуди и спречи по секоја цена. Ги повикувам сите мажи и момчиња да се посветат и да преземат одговорност кон постигнување на родова еднаквост. Сите треба целосно да се посветиме кон заложбата за нулта толеранција на родово базираното насилство, рече Која, се наведува во соопштението на ОБСЕ.
Според истражувањето на ОБСЕ, многу малку жени го пријавуваат насилството во полиција, или пак бараат помош од организации за поддршка на жртвите. Како причини за тоа се срам кај жртвите, нивна финансиска зависност, недоверба во институциите и страв на жртвите од одмазда, како и традиционални верувања дека насилството е лична работа.