Враќањето од почеток на судењето за случајот ТНТ на СЈО по неотповикливата оставка на една од поротничките, за одбраната е победа на правдата, додека за обвинителството е одолговлекување на постапката.
Адвокатот Јовица Страшевски, по завршување на денешното рочиште, рече дека надвладеал разумот и победила правдата.
– Се докажа дека сето тоа што Кривичниот суд го пишуваше против нас, дека не е точно и дека по втор пат заради разумно размислување од поротничката дека и е истечен мандатот. Го поздравувам нејзиниот гест и победи правдата во Македонија, рече Страшевски.
Во однос на тоа, дали ќе прифати да се читаат доказите, адвокатот Страшевски, рече дека според него подобро да се изведат повторно, но ќе прифати како ќе одлучи мнозинството и нема да прави опструкции.
– Има два начини. Едно да се изведат, второ да се читаат. По мене подобро да се изведат повторно меѓутоа ако се согласат сите и јас би се согласил, затоа што јас на пример само два часа имав извршено увид во постапката и од доказите не знам ништо. И едното и другото како ќе одлучат мнозинството јас ќе прифатам, нема да правам опструкции, зашто во интерес ни е да ја докажеме правдата и вистината, изјави Страшевски.
Јавниот обвинител Бурим Рустеми, рече дека е неприфатливо тоа што го направиле адвокатите, но дека ја постигнале целта да се врати процесот од почеток.
– Ја постигнаа целта да го вратат процесот од почеток и да го одолговлекуваат во подолг временски период, изјави Рустеми.
Во однос на тоа како очекува сега да се одвива судењето, Рустеми, рече дека очекува да трае подолго.
– Мислам дека нема да се согласи одбраната да се прочитаат исказите и да се одвива побрзо судењето. Мислам дека нивната цел беше поинаква, да се одологовлечи постапката и да трае можеби година две, изјави Рустеми.
Па денешното рочиште, бизнисменот Фијат Цановски, пред Кривичниот суд, изјави дека се сомнева дека поротничката самоволно дала оставка и дека е поткупена од мафијата.
– Се сомневам дека самоволно дала оставка и дека е поткупена од мафијата, која што владее во Македонија или од некои закани. Како што видовте, судењето ќе почне од почеток, но јас сепак верувам во правосудниот систем и верувам дека овој процес многу брзо ќе се заврши, изјави Цановски.
Ова е уште еден случај произлезен од тн. бомби на бившиот премиер Зоран Заев, кој дојде на власт со помош на истите и на Специјалното јавно обвинителство, кое се распадна, а специјалната обвинителка Катица Јанева, како што е познато е обвинета и и се суди за земање рекет во истоимениот предмет Рекет.