Врз основа на доказниот материјал прибран во текот на истражната постапка, предметните јавни обвинители од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, денеска до Основниот кривичен суд поднесоа обвинителен акт против 31 физичко и против 5 правни лица, соопшти Јавното обвинителство.
Првообвинетиот сторил кривично дело несовесно работење во службата. Шестмина се обвинети за сторени кривични дела Злосторничко здружување и Злоупотреба на постапката за јавен повик. На четворица од нив на товар им се става и кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело.
„Дванаесет лица се обвинети дека сториле кривично дело Злосторничко здружување и продолжено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување, а двајца од нив сториле и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело. На четири лица им се става на товар дека ги сториле кривичните дела Злосторничко здружување и Перење пари и други приноси од казниво дело, додека четворица сториле продолжено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување. Останатите 4 лица се обвинети за кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело“, соопшти Јавното обвинителство.
На кривично одговорните правни лица им се става на товар дека сториле кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело, а две од нив и продолжено кривично дело Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство.
„Во периодот од април 2023 година до август минатата година, дел од обвинетите во својство на службени лица создале група чија цел била вршење на кривични дела Злоупотреба на постапката за јавен повик, Злоупотреба на службена положба и овластување и Перење пари и други приноси од казниво дело. Во меѓувреме со намера да прибават за себе или за друг имотна корист од поголеми размери или да предизвикаат штета од поголеми размери, дел од останатите обвинети станале припадници на оваа група. Тие, договарајќи се со други можни учесници заради изигрување на постапката за доделување на договори за јавна набавка, свесно ги повредиле прописите за постапката за јавен повик“, соопшти ЈО.
Обвинетите управители и сопственици на правните лица откако организирале и извршиле пререгистрација на дејност на нивните правни субјекти, како економски оператори – учесници во постапки, меѓусебно се договарале да ги изиграат постапките за набавка на адитив за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и подружница РЕК Осломеј, појаснува Обвинителството.
„На начин опишан во диспозитивот на Обвинителниот акт, овозможиле кривично одговорното правно лице да го добие Договорот за јавна набавка за набавка на адитиви против формирање на згура/троска при согорување на јаглен во котел, адитив РПТ 601, за потребите на РЕК Битола и на РЕК Осломеј и притоа да се стекне со имотна корист од големи размери, во вкупен износ од 397.636.400 денари(6,5 милиони евра)“, додава ЈО.
Понатаму, се вели во соопштението, со намера да го прикријат движењето на парите за кои знаеле дека се прибавени со кривично дело Злоупотреба на постапката за јавен повик, дел од обвинетите припадници на злосторничкото здружение и дел од останатите обвинети примале пари, ги пуштале во оптек, извршувале пренос на паричните средства и подигнувале готовина во вкупен износ 414.776.400 денари (6,7 милиони евра).
„Со обвинителниот акт Ооѓбвинителството му предложи на судот одземање на движни предмети (телефони, електронски и мемориски уреди) што биле употребени при извршување на кривичните дела, додека со посебен предлог се бара конфискација на парични средства и недвижен имот во сопственост на обвинетите и на трети лица. Воедно, доставен е и предлог за продолжување на мерка притвор спрема деветмината обвинети и мерка куќен притвор спрема еден обвинет“, соопшти ЈО.