Советот на јавни обвинители одлучи пред Уставниот суд да го оспори законското решение со кое се намалуваат коефициентите на платите на обвинителите.
Советот смета дека намалувањето на коефициентите е неуставно и политички мотивирано и дека платите на обвинителите се заштитени со закон.
Претседателката на Советот на јавни обвинители, Душица Димитриеска, изјави дека финансиската независност на правосудните органи, меѓу кои и на јавното обвинителство, е клучна во процесот на унапредување на независноста и самостојноста на јавните обвинители.
За да се зачува положбата и статусот на јавните обвинители, ние како Совет сметаме дека платата на истите, како и платата на јавните обвинители треба да биде надвор од секакви влијанија, посочи Димитриеска.
При крајот на февруари, во Собранието беа изгласани пакетот закони со кои се намалуваат коефициентите на платите на избраните и именуваните лица. Со законите се опфатени 1.060 избрани и именувани лица како што се претседателот, пратениците, министрите, судиите, јавните обвинители, членовите на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители.
Предлог-измените ги поднесе пратеничката група на СДСМ, а реакции имаше од Здружението на судии, Судскиот совет и Здружението на јавни обвинители.