Ќе има и плата, ама и штрајк. Вработените во Македонска пошта втор ден протестираат за редовни плати и подобри услови за работа, известува ТВ Сител.

Добиле ветување дека во текот на денов ќе ја добијат платата за февруари, но не се откажуваат од намерата за штрајк.

Бараат Владата да спроведе итни реформи во акционерското друштво, за кое велат дека е во тешка финансиска криза поради лошо раководење.

„Неколку години обезбедуваме средства преку кредити и позајмици. Дојде момент да веќе нема од каде да обезбедиме средства. И тоа не е начин за обезбедување на средства за плата и за тековно работење на друштвото. Затоа бараме Владата како сопственик да се заложи за реформи и обезбедување финансиски средства за тековно работење“ – Боро Велигденов, претседател на синдикат на Македонска пошта

Недостасуваат поштари и шалтерски работници, а администрацијата и шефовските позиции се преполни, аламира Велигденов.

Дали Владата ќе им излезе во пресрет засега не се знае. Поставивме прашањa уште утринава, но одговор досега нема.

Во Пошта има 1.800 вработени и 200 поштари со договор на дело кои со години работат без здравствено осигување и со минимална плата.