Кочанскиот обвинител Борче Јанев денеска го одржа воведниот говор на судењето за трагедијата во дискотеката „Пулс“, каде што загинаа 63 млади луѓе, а над 200 беа повредени.

Јанев истакна дека катастрофата не се случила поради еден човек или само активација на пиротехника, туку поради низата системски пропусти кои дозволиле работа на опасен објект без соодветни излези и контроли.

-Снимките што нè потресоа се само одложено зло. Изгоре не само објектот, туку и довербата дека оној кој требало да заштити, навистина го направил тоа, рече обвинителот.

Тој посочи дека одговорноста се протега на голем број обвинети и низ долг временски период, од 2012 година до денот на трагедијата.

-„Пулс“ од секогаш била смртоносна стапица, буре барут. Никој не ја согледал опасноста која демнела со години, додаде Јанев.

Обвинителот најави дека јавноста ќе се шокира од дејствијата на сопственикот на дискотеката, кој, според него, ги занемарил сите опасности и го вовлекол дури и сопственото дете во смртоносната стапица.

-Подобро е да спречиш отколку да лечиш, но никој не се обиде да ги спречи последиците, па државата нема друг избор освен да гони и казнува, заклучи Јанев.