По објавите во медиумите за евентуални злоупотреби при доделување на грантови по јавен повик од Фондот за иновации и технолошки развој, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција оформи предмет по допрен глас.
Од Обвинителството соопштуваат дека преземаат дејствија за утврдување на факти во предметот, а во врска со евентуални сторени кривични дела во постапката по јавен повик за финансирање проекти во рамки на третиот столб од Планот за економски раст- прв инвестициски бран.
По притисокот на јавноста, компанијата „Кастинвест“, соопшти дека се откажува од грантот од 160.000 евра. Сопственици на „Кастинвест“ се компанијата „Брако“ на вице- премиерот Кочо Анѓушев, како и неговиот кум Митко Кржовски и бизнисменот Владо Атанасовски.
Засега „Кастинвест“ е единствената фирма која се откажа од грантот.
Грант од 10 милиони денари од Фондот за иновации доби печатницата „Гинис“ од Прилеп каде ко-сопственик е Хари Локвенец, пратеник на СДСМ.
Сопругата на синот на Цветанка Ласкова, советничка за култура во кабинетот на премиерот Заев добила од Владата 330,000 евра за проект за информатичка технологија со наслов „Декодирај – Ме“.
Грант од 150.000 евра доби и фирмата на сопругата на новинарот Горан Михајловски.
Директор на Фондот за иновации е Јован Деспотовски, долгогодишен член на СДСМ и близок човек на министерката за одбрана Радмила Шеќеринска.