Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Пецаков на денешната прес-конференција истакна дека Зоран Заев, Венко Филипче и СДСМ повторно во криминален поход и кражба на векот.
-Денес во Собранието се подготвува една од најголемите пљачки во поновата историја на Република Македонија. Станува збор за Предлог закон за реализација на неколку пати помпезно најавуваниот проект за изградба на нов Клинички центар во Скопје. Овој грабеж на народните пари преточен во таканаречен Предлог закон кој денес е на дневен ред во Собранието на Република Македонија има премногу аномалии, недостатоци, недоречености и основани сомненија за огромен криминал со пари на граѓаните, нагласи Пецаков.
Тој истакна дека во овој „предлог на закон“ Владата предводена од Заев нема наведено апсолутно никакви конкретни податоци, рокови, информации, планови, стратегија, финансиска конструкција и физибилити студија како би се одвивала реализацијата на проектот за изградба на новиот Клинички центар.
-За толку сложен и милионски проект, власта до Собранието и пратениците испраќа предлог закон од само неколку члена, површно и штуро објаснување. Ништо повеќе. И замислете, сето ова власта сака да го помине во Собрание по скратена постапка. Повторувам, ПО СКРАТЕНА ПОСТАПКА. Ова отвора сомнежи и наведува на голем криминал кој што власта сака набрзина да го протне и спроведе. Од оваа говорница, јасно и гласно кажуваме дека нема да го поддржиме и ќе го блокираме овој закон поради неколку клучни работи и тоа:Прво, нема да го поддржиме овој закон бидејќи сметаме дека тој е извор на корупција и ништо повеќе. Сметаме дека ова е огромен проект кој вреди повеќе од половина милијарди евра и нема да дозволиме со него да располага Влада која што официјално е прогласена за најкорумпирана влада во Европа. Никогаш нема да прифатиме закон во кој нема утврдено прецизна рамка колку средства ќе се потрошат за реализација, ниту пак рамка со која што ќе се дефинираат трошоците за одржување, нагласи пртеникот.
Пецаков посочи дека сметаат дека со законот ќе се елиминира конкурентноста со што се отвора патот на оваа влада како најкорумпирана во Европа да си најде двајца понудувачи кои во четири очи ќе си ја договорат цената.
-Ова е голем потенцијален криминал и тоа ние нема да го поддржиме. Трето, проблематична е и експропријацијата односно не се решени имотно-правните односи. Владата најавува дека ќе одзема приватни земјишта, а дека потоа ќе се договара со сопствениците. Токму затоа, нема да им дозволиме на Зоран Заев и СДСМ од Клиничкиот центар да направат нова дивоградба, нов ТЦ Глобал. Четврто, и локацијата на овој Клинички центар сметаме дека е спорна. Сметаме дека со оваа локација овој клинички не ги опслужува подеднакво сите граѓани и делови на Република Македонија. Оваа локација нема ниту квалитетно инфраструктурно решение и поврзување, а во центарот на Скопје имаме сознанија дека имотот од државната болница ќе се препушти на урбаната мафија. И петто, ние сме сигурни дека ова е предлог закон за ПиАр и чист популизам пред избори, а не искрена намера за подобрување на здравствениот систем во Република Македонија. Колку за потсетување, СДСМ се веќе 5та година на власт, сега носат ваков закон кој е ништо друго освен замајување на јавноста од реалните проблеми и скандали, а раскинаа и поништија готов проект, наследен од Владата на ВМРО-ДПМНЕ, кој беше со одобрени и обезбедени финансии и кој беше дупло поевтин. Како одговорни пратеници сакаме да ја информираме јавноста дека поради сите овие горенаведени причини, ние нема да седиме со скрстени раце и ќе поднесеме околу 2000 амандмани со цел да го спречиме носењето на овој закон и овој криминал во најава. Да појасниме, ВМРО-ДПМНЕ не е против изградбата на нов Клинички центар во Скопје, но нема да дозволиме 500 милиони евра пари на граѓаните, да се трошат на криминален начин од најкриминалната влада во Европа, и тоа во моменти кога македонската економија е на колена, а граѓаните едвај врзуваат крај со крај, нагласи тој.