Сите пекари во северниот дел на Газа се принудени да затворат поради недостиг на витални прехранбени производи поради израелските напади и блокадата, соопшти денеска Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (ОЦХА).
Агенцијата наведува дека очајните цивили мака мачат да дојдат до леб и оти во северниот дел на Појасот Газа пекарите не работат поради недостиг на гориво, вода и пченично брашно, како и поради тоа што многу од нив се оштетени, пренесува Си-Ен-Ен.
Пченичното брашно наводно повеќе не е достапно во северниот дел на Газа, истакнува ОЦХА и додава дека повеќе луѓе очајни за храна упаднале во последните три пекари кои имаат залихи на пченично брашно и зеле околу 38 метрички тони.
Леб тешко се наоѓа и на југот на Појасот Газа, каде единствената функционална мелница не може да работи поради недостиг на струја и гориво.
Според податоците на ОЦХА, 11 пекари биле погодени и уништени од почетокот на конфликтот меѓу Израел и Хамас на 7 октомври, а само неколку пекари во јужниот дел на Газа повремено обезбедуваат леб за раселените лица сместени во засолништа.
ОЦХА истакнува дека кога лебот е достапен, луѓето чекаат во редици со часови, каде што можат да бидат цел на потенцијални израелски воздушни напади.
Се додава дека околу 9.000 тони пченично зрно се складирани во мелниците во Газа, но дека значителен дел е недостапен поради безбедносни причини и недостиг на гориво и струја.
Фото: ОЦХА