Дарко ЈАНЕВСКИ

Со шифрирана телеграма од турската управа на Серскиот санџак, испратена на 4 мај 1903 година до Назим-бег, се известува дека – „врз основа на тајно спроведена истрага и примените известувања од разузнавачи (шпиони), дознавме дека во серските села Раховица, Баница, Фраштани и Моклен и во нивната околина, обиколува една бунтовничка чета. Откако од извршената претрага се дознало дека во гореспоменатото село Баница се крие една бунтовничка чета од дваесет души, оваа ноќ пред зори ова село е блокирано. Од исказот на едно лице од жандармеријата, дојдено од споменатото село, судирот започнал во 11 часот…“

И од овој документ што се чува во турскиот архив во Истанбул се гледа дека Гоце Делчев и четата се предадени, а турската војска веќе имала тони податоци за тоа примени од шпиони. Сите досегашни сознанија на историчарите водат кон тоа дека предаството е извршено во Солун (Солун со линија која води до Софија), каде што Делчев престојува неколку дена за да ги слушне лично од Даме Груев и Иван Гарванов аргументите за дигање на општо народно востание во Македонија.

По таа средба, разочаран од цврстиот став на Даме Груев дека востание мора да има, Гоце Делчев тргнува кон Сер, а потоа од Сер кон Баница. Турската војска го опколува селото со два одреда војници, еден одред жандармерија, а на помош доаѓаат и коњаници од специјалната единица за значајни акции. Оттука, може да се претпостави со голем степен на веројатност дека тие знаеле кој е во селото, зашто инаку не би посветиле толку големо внимание со оглед дека имале шпионски информации дека се работи само за околу дваесетина бунтовници. Ова е во спротивност со тезата на некои македонски историчари дека Турците не знаеле кого гонат, дека до убиството на Гоце дошло по случајна средба на турската војска со неговата чета и дека тој до смртта не бил сметан од Турците за некоја посебна фигура на македонското ослободително движење.

Ако наспроти тоа, Турците знаеле кого гонат, се поставува прашањето кое и по 120 години не е дефинитвно одговорено – кој го предал Гоце Делчев? И како е извршено предавството? Според истражувањата на проф. д-р Христо Андонов –Пољански, кој беше еден најупорните истражувачи на Гоцевото време и дело, претпоставките за убиството на  Делчев и натаму остануваат под превезот на таинственоста – се додека не бидат целосно отворени сите архиви од регионот (на пример, грчките и натаму се затворени за нас, разбирливо е дека бугарските се можеби прочистени од незгодни документи итн).

Од друга страна, проф. д-р Александар Стојановски, кој пред 20-тина години успеа да пронајде непознати дотогаш турски документи поврзани со убиството на Гоце Делчев,  смета дека судот на историјата е валиден само ако се базира на автентични информации и докмунти, кои ќе расчистат многу дијаметрално спротивставени тврдења околу убиството на Гоце.

Според автентичното сведоштво на Пејо Јаворов, кој бил со војводата во деновите пред убиството во Баница, Делчев уште на седми април 1903-та година му соопштува дека ќе оди во Солун за да се сретне со членовите на ЦК, како и со неговиот – најсакан другар Груев – со надеж да најдат заедничко гледиште во врска со најавеното востание. Две недели подоцна Делчев навистина тргнува за Солун, преправен како селанец од блиските села, со кошница вапцани велигденски јајца. Тоа се случува на 26 април 1903-та година. Во Солун тој се сретнува со Иван Гарванов и Даме Груев, и лично од Груев го доживува последниот удар на разочарување, како што вели во своите спомени Ѓорче Петров.

Од друга странха, пак, Груев во своите спомени признава дека Гоце бил многу возбуден и разочаран, велејќи дека народот не е доволно вооружен, а Серскиот санџак е сосема лишен од оружје.

„Откако го утешивме со ветување дека ќе биде доставено потребното оружје преку специјални канали, Делчев се успокои и тргна со намера да го среди каналот од Солун до Серско, каде што требаше да стигне оружјето. Преоблечен како ќумурџија, со поцрнето лице, метла во едната рака, сноп праз под мишката, Гоце го напушта Солун и тргнува кон Сер.

Но, како што стои и во турските документи, тој уште во Солун е предаден  (истото го тврди и Ѓорче) и веќе е следен од шпионот кој редовно го известува Штабот на Третата армија во Солун. Ако кај Даме Груев останал три дена, затворен во соба и во постојани разговори, тогаш во селото Ловча е веќе на први или на втори мај, со идеја да свика  Окружен конгрес на ВМРО, за кој ништо не знае ни Даме Груев, ни другите од раководството на организацијата. Конгерсот бил планиран за 6-ти мај 1903 година, И на него требало да  се донесе конечна одлука за  тоа дали серскиот округ ќе учествува во востанието и доколку учествува да се направи план за предвидените дејствија.

Делчев не стигнува да го одржи конгресот, бидејќи два дена пред тоа е ликвидиран во Баница. Во село Дутли, каде што ги има оставено униформата и оружјето, стигнува на  втори мај, и веднаш продолжува кон Баница, каде што се сместува во куќата на Георги Трендафилов, со широк двор ограден со камени ѕидови.

Утрото на трети мај, Делчев раскажува сон за убиството на неговиот брат Милан, а истиот ден четите на војводите Михаил Чаков и Димитар Гоштанов веќе се во леските над селото.  Најверојатно и тие веќе биле известени дека на 6-ти мај треба да се одржи окружен конгрес за да се заземе конечен став во врска со најавеното востание. Бидејќи местото каде што биле сместени тие е прилично повисоко од селото Баница, тие први забележале дека војската го затвора обрачот од правецот на селото Горно Броди.

Како што тврди бугарскиот историчар Димитар Тулеков, кој низа години интензивно истражувал во бугарските, но и во архивите на соседните земји за убиството на Делчев, војводите истата ноќ, на 3-ти мај, добиваат наредба преку серскиот окружен раководител Лазар Димитров, да дојдат на средба со Делчев во Баница. Уште ноќта тргнуваат надолу кон селото, и на 4 мај, околу 2 часот по полноќ, веќе се во Баница. Делчев ги прима во куќата на Запро Ципаров. На таа средба е договорено Конгресот да се одржи во предвидениот датум, а во меѓувреме обрачот околу Баница веќе е поставен.

Значи, турската војска добро знаела што се случува и кого бара. Ако немала прецизни информации дека во селото е Гоце Делчев со својата чета, прво немало да ангажираат толку војска и второ немало да прават таков обрач, кој во други прилики не го правеле и за многу поголеми чети за кои добивале информации од месните шпиони. Тие добро знаеле кого имаат ишто ќе значи неговата ликвидација за македонското револуционерно движење. Тое е факт кој не може да се негира, иако некои официјални информации, кои се всушност само покривање на трагите, оперираат со тоа дека барале комити воопшто, а не лично војводата Гоце Делчев.

Еве еден доказ за тоа. Веднаш штом изгреало сонцето, турските војници го започнуват претресот во селото. За тоа постои сведоштво на стариот Иван Калин од Баница:

– Ја  претресуваа секоја куќа од дворот до таванот. Сите мажи не собраа кај камбанаријата, не наредија во долга редица и тогаш пред нас излезе еден турски офицер кој говореше на  наш јазик подобро и почисто од нас…

Кој е тој Турчин? Тоа е Тефиков, стариот познаник на Гоце, со кого заедно учеле во Софиското воено училиште. Зошто токму тој е дојден во Баница? Токму за да го идентификува Делчев, доколку биде фатен или убиен. Тој тоа и го прави. Кога војската доаѓа до убиениот војвода, по наредба на Тефиков го превртуваат и трупот на Делчев. Според сведоштвото на очевидци, кои биле донесени за да ги идентификуваат убиените, Тефиков радосно извикал: -Ете, тоа е Делчев.

Отука нема никакви дилеми дека тој потврдува дека не доаѓале за бадијала, туку дека е убиен токму тој што го барале. Секако, за тоа требало да имаат точни податоци од Солун, а потоа и добри шпиони кои го следеле неговото движење низ селата.

Како се одвивала акцијата за ликвидација на Гоце Делчев? Благодарејќи на сведоци, но и на документи на турската војска, знаејќи со кого си има работа, турската војска најпрво сакала да знае точно во која куќа е Делчев. За да ги заплаши селаните, веднаш бил убиен Стојан Попов, раководител на ВМРО во Баница, по што војниците започнале да палат куќа по куќа во селото. Делчев, заедно со Михаил Чаков, Георги Радев, Димитар Гоштанов и другите, ги напуштиле домовите на Георги Трендафилот и Запро Ципарев каде биле сместени, негде околу десет часот препладне. Нивната намера била да стигнат до горниот крај на селото, до последната плевна на рамницата и оттука да се повлечат кон патот за Фраштани. Групата што ја предводел Делчев излегла на Бакарово гумно и останувало само да се мине една полјана.

Сето тоа го гледала Катерина Демерџиева од Баница, која подоцна го раскажала како сеќавање за крвавиот настан во нејзиното село. Таа била сведок и на последните минути од животот на  Гоце. Кога тој излегол на Бакарево гумно видел дека од другата страна се појавиле неколку турски војници, кои биле скриени зад нискиот камен ѕид на гумното. Според Демерџиева, Гоце прв стрелал кон војниците, но пред да залегне еден куршум му ги пронижал градите. Тука веќе е завршена работата која требало да ја заврши специјалната потера, која тргнала со добри информации добиени од Солун за движењето на Гоце. Се поставува прашањето кој знаел дека Гоце ќе оди токму во Сер и дека во Баница треба да се сретне со војводите кои требало да го носат товарот на востанието, ако вооопшто се согласеле да има востание во Серскиот округ? Или, со кого Гоце единствено се видел од Солун? Дали некој не бил уплашен дека највлијателниот човек во Организацијата може да ги поремети плановите за кревање на општо народно востание, за кое сметал дека е предвремено и недоволно подготвено (Гарванов, на пример, кој бил и против солунските атентати кои Гоце ги поддржувал)?

Заедно со Делчев, во последната негова битка, загинуваат и Димитар Гоштанов, Стефан Тодоров, Димитар Паљанков, а ранетиот четник Ѓорги Савеклијата е лекуван, осуден, а потоа во 1906-та година амнестриран од Турците.

Според турските документи што ги објави проф-д-р Александар Стојановски, во Баница се водела 30 часовна борба, во која загинале 11 комити и војводи. Сведоштавата на оние што биле во селото, потврдуваат дека меѓу тие што се спасиле биле Михаил Чаков, Георги Радев, Димо Хаџи Димов, Таската Серски, Атанас Савеклијата и други. Иако војводите што биле околу него, инсистирале тие да го штитат, а тој да се повлече со неколкумина четници, Делчев одлучил сам да се пробива низ обрачот. Тоа го чинеле и животот со непроценливи негативни последици по судбината на Македонија.

Според војводата Михаил Чаков, на петти мај утрото, значи речиси дваесет и четири часа по убиството на Гоце, војската доаѓа кај убиените од кои некои лежеле ничкум. Ничкум лежел и Гоце. По заповед на командиерот, војниците почнале да ги превртуваат труповите, а кога го превртеле Гоце, Тефиков веднаш покажал со прст кон него, велејќи дека тој е човекот што го барале.

Тоа е Гоце, извикал Тефиков. Сето тоа се случувало пред неколку души селани од Баница кои подоцна му го пренеле виденото на војводата Чаков. Според истражувањата на д-р Димитар Тулеков, веднаш по убиството на Делчев меѓу народот кружеле информации за  предавството на Делчев, но и имиња на предавниците кои помогнале нарачаната ликвидација да се реализира. Бугарскиот историчар тврди дека предавство има, но голем број од верзиите се противречни и взаемно се исклучуваат. Меѓу имињата кои најчесто се спомнуваат како директна врска меѓу нарачателите и Штабот на Третата армија на Турската војска во Солун, е учителот Андреј Хрлев од Баница, кој имал зет Турчин, и одлично живеел со него. Од друга страна, Даме Груев, кој последен се видел со Гоце само неколку дена пред да биде убиен, во своите спомени тврди дека  Гоце е предаден во селото Броди од благајникот – веројатно се мисли на благајникот на селскиот комитет на Организацијата. Ако е така, тогаш зошто во Баница се убиени четворица селани како предавници, иако нив никој не ги спомнува во тој контекст?

Но, да одиме понатаму: луѓето на ВМРО во Серско, веднаш по убиството на Гоце, вршат своја истрага, па во врска со тоа, 16 месеци подоцна го убиваат Ѓорѓи Агов од селото Старишта, Неврокопско. Обвинението е дека тој облечен во турски алишта ја водел потерата кон Баница. Во декември истата година, во речиси изгореното село Баница, четата на серскиот војвода Георги Радев, кој бил со Делчев во миговите кога бил убиен, казнува со смрт четворица селани: Марин Георгиев е исечен на парчиња токму на местото каде што е убиен Гоце, а Коста Маџаров, Ѓорѓи Орешков и Коста Петров се заклани врз гробот на Гоце. Единствено обвинение за овие четврица луѓе е тоа што не ја исполниле нардебата на Радев да го убијат турскиот стражар во селото пролетта 1903-та година. Потрагата по предавници ја продолжува и војводата Таската Серски, кој ликвидира  неколкумина поради сомневања дека можеби се предавници на Делчев.

Од друга страна, старицата Катерина Демерџиева во своите подоцнежни спомени како можен предавник го посочува и некој си Мутафчиев, кој бил убиен дури во 1912 година. Нигде нема податоци што се случило со благајникот што го посочува Даме Груев, но исто така нема подотоци ни за евентуална одлука на ЦК на ВМРО за конкретна и сеопфатна истрага во врска со убиството на Делчев, какви што се правеле при убиствата на други  видни дејци на револуционерното движење. Се добива впечаток дека другарите од врвот како многу брзо да го заборавиле апостолот на македонското револуционерно движење, но тоа можеби се должи и на настаните што ќе следуваат, односно предвременото востание и потоците крв што ќе ја преплават Македонија.

Што се однесува пак, до Андреј Хрлев, кој  бил посочен како можен предавник од Пејо Јаворов, кој бил многу близок пријател со Делчев, Георги Баждаров, подоцнежен задграничен претставник на ВМРО, се согласува дека тој бил предан член на ВМРО, но како селски раководител, пролетта во 1903-та година, кога Гоце е убиен, тој ја губи претходната увереност во успехот на народното дело. Во таква состојба, разочаран и колеблив, тој бил собран од турската војска при опсадата на селото Горно Броди. Дали Даме Груев мисли на него кога го спомува благајникот од Броди?

Како и да е, тој е затворен и решава се да каже. Но, од сето тоа што самиот го признал, како што тврди Баждаров, висок раководител на ВМРО десет години по смртта на Гоце, не се потврдува дека навистина тој го извршил предавството.

Според д-р Тулеков, самиот Андреј Хрлев, триесет години подоцна, публикува спомени со наслов „Кој го предаде Гоце?“. Во тој текст Хрлев тврди дека турската војска при опколувањето на Баница ја воделе двајца врховисти испратени од Солун! Кои се тие двајца врховисти никој не знае. Сепак, доколку предавството го извршил Андреј Хрлев, тогаш зошто тој не е казнет од ВМРО, туку се казнети некои селани за нешто што нема директна врска со настанот во Баница?

Благодарејќи на документи од европските дипломатска коресподенција се откриени две нови верзии за убиството на Гоце Делчев. Едната е од 12 мај 1903-та година на англискиот  генерален конзул во Солун, Алфред Билиоти до амбасадорот О’Конор во Цариград:

-На 4 мај 1903 учител во Баница е уапсен близу до Сер поради поседување на неколку куршуми за манлихерка. Тој бил затворен, и дал значајни информации кои доведоа до блокирање на Баница и до последниот судир.

Другиот документ е допис од 13 мај 1903-та година на францускиот конзул во Солун, Стег, до министерот на надворешни работи Делкесе. Според тој документ, еден селанец од Горно Броди им кажува на Турците дека во Баница има лица од комитетот (ВМРО). Селото е блокирано И по 20 часа четата е уништена.

Ова се само дел од настаните и верзиите за убиството на Гоце Делчев. Мистеријата за неговата смрта трае и по 120 години како што трае и мистеријата дали Македонија можеби ќе имаше поинаква судбина од таа што доведе до поделба, ако Гоце останеше жив.