Осомничениот гостиварец за тепање на сопругата, кој беше приведен и пренесен во Психијатриската болница „Скопје“ во Бардовци, од синоќа е во затворот во Шутка.
Од Судот во Гостивар велат дека е прифатен предлогот на Обвинителството и на 52-годишниот М.М. му е определен 30-дневен притвор.
Осомничениот, вчера од болницата во Бардовци бил пренесен во судот каде дал изјава и го негирал делото.
Гостиварецот кога бил пренесен во судот изгледал уредно, а кога му бил понуден бранител по службена должност тој го одбил тоа и побарал адвокат по личен избор. Во судот дошол адвокатот Љупчо Лазаревски.
Откако завршил со давањето исказ, М.М. бил пренесен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари.
Претходно, како што додаваат од гостиварскиот суд, М.М. бил осудуван за тешка кражба во 2020 година.
Според информациите што ги пренесе Канал 5 телевизија, состојбата на неговата 42-годишна сопруга која беше тешко повредена во напад за кој е осомничен нејзиниот сопруг, е загрижувачка, има крварење на главата и е на интензивна нега.
Жената била примена во Ургентниот хируршки центар во Скопје со повреди на главата и на градниот кош. Според директорот на ТОАРИЛУЦ, д-р Игор Мерџановски, прегледите покажале дека има четири скршени ребра, од седмото до десеттото, делумен пневмоторакс, мал излив на течност во градниот кош и насобрана крв под тврдата мозочна обвивка.
Вчера од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираа дека во петокот било пријавено оти 52-годишниот М. М. физички ја нападнал својата 42-годишна сопруга. Од МВР рекоа дека откако случајот бил пријавен, веднаш потоа лицето било лишено од слобода. При интервенцијата тој давал отпор и физички нападнал полициски службеници, при што еден полицаец бил повреден. За настанот бил известен јавен обвинител, а М. М. бил спроведен во Психијатриската болница „Скопје“ во Бардовци.
Основното јавно обвинителство Гостивар поведе истрага против 52-годишен маж осомничен за обид за убиство на сопругата при семејно насилство во селото Топлица, Гостиварско, а поради тежината на делото, опасноста од бегство, можноста за влијание врз сведоци, како и ризикот осомничениот да го доврши делото, јавниот обвинител доставил предлог до судија на претходна постапка за определување мерка притвор.




