Во шест часот утрово стапи во сила новата министерска одлука во Грција, според која, за влез во земјата задолжителен е негативен резултат од ПЦР или рапид тест, мерка што важи за сите патници со наполнети пет години, меѓу кои и оние од Македонија, без разлика дали се вакцинирани или не или дали прележале Ковид-19, јави дописничката на МИА од Атина.

Станува збор за привремена и вонредна мерка за празничниот период во пресрет на Божиќ и Нова година, а засега, одлуката е со траење до 10 јануари 2022 година.

Негативен резултат од ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето или рапид 24 часа пред пристигнувањето, заедно со пополнет PLF формулар се задолжителни за влез во Грција.

Дополнително, невакцинираните и оние кои не прележале Ковид-19, а пристигнуваат од  16 конкретни земји, меѓу кои и Северна Македонија, задолжително ќе бидат тестирани по влезот во Грција, нешто што веќе извесен период се применува.

Новата министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за ограничување на ширењето на Ковид-19“, како што веќе објави МИА, во петокот беше објавена во Службен весник на Грција.

Промените веќе беа најавени како од Министерството за здравство на Грција, така и од владиниот портпарол Јанис Иконому, а согласно одлуката „сите патници кон Грција, без разлика на националноста и начинот на влез во земјата, без разлика на вакцинацијата или прележана болест, мора да бидат тестирани негативно“ со ПЦР во последните 72 часа пред нивното пристигнување во земјата или „алтернативно да се тестираат негативно со употреба на брз антиген тест во рок од 24 часа пред нивното пристигнување во Грција“.

Тестирањето треба да биде во одобрена од државата на потекло приватна или државна лабораторија, а потврдата да биде на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, а исто како и за сертификатот, треба да ги содржи и името и презимето на лицето кое патува, онака како што се заведени во пасошот.

За патниците „независно од државјанството и начинот на влез во земјата, кои во Грција пристигнуваат од: Египет, Албанија, Аргентина, Македонија, Бугарија, Бразил, Грузија, Куба, Обединетите Арапски Емирати, Индија, Кина, Либија, Мароко, Пакистан, Русија и Турција“, предуслов за влез е да добијат негативен резултат од задолжителното тестирање со ПЦР/ рапид тест на влезните точки во Грција.

Исклучок од оваа мерка се вакцинираните кои имаат сертификат за вакцинација со поминати 14 дена и оние кои прележале Ковид-19 и имаат потврда што важи 30 дена по првиот позитивен резултат и до 90 дена подоцна,

Во однос на потврдите за прележана болест и промените воведени минатата седмица, согласно одлуката, оние кои се издадени од 15 јули 2021 година до 31 октомври 2021 година важат до 31 јануари 2022 година.

Конкретните обврски за патување важат и за возрасните, но и за децата со наполнети пет години.

Дополнително, за патување, задолжителен е и електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form), што треба да биде пополнет преку интернет страницата  https://travel.gov.gr, по што се добива потврда со QR-код и се смета за неопходен документ за влез во Грција.

Сите посетители на Грција, независно од земјата на потекло, може да бидат подложени на тестирања, а селекцијата се врши согласно здравствениот алгоритам и со помош на кодот од PLF формуларот.

Тестирањата, за вакцинираните и за оние кои прележале Ковид-19 се по случаен избор, а за останатите се задолжителни.

За прекршување на законските мерки и обврски, предвидени се парични казни од 500 и 5.000 евра.

За влез во Грција, отворени се сите копнени гранични премини кои работат 24 часа, со исклучок на Мерѕани кон Албанија, што е со работно време од 8 до 20 часот, а од Турција преку Кастањес и Кипи, дозволен е влез на 1.500 лица седмично.

Од Македонија кај јужниот сосед може да се патува преку Евзони (Богородица), преку Ники (Меџитлија) и Дојран, без никакви ограничувања во однос на бројот на посетители или во однос на работното време.

Во одлуката, како што пренесува МИА, посочено е дека туристите, за време на нивниот престој во Грција, мора да ги почитуваат мерките што важат во внатрешноста на земјата.