14 мај 2019
Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 1 мај.
Денеска е Св. пророк Еремија.
Овој голем пророк се роди 600 години пред Христос, за кого пророкуваше (поточно, пророкуваше за падот на египетските идоли и за доаѓањето на Дева Марија со Синот Исус Христос, во Египет). Почнал да пророкува во својата 15-та година. Во текот на неговиот живот се изменувале неколку јудејски цареви, кои Еремија преку своите пророштва се трудел да ги насочува кон праведно и правилно управување. Истите пораки им ги упатува и на своите сонародници, кои во тоа време биле длабоко западнати во идолопоклонство. Во врска со тоа го прорекува и првото опустошување на Ерусалим. Набрзо потоа Ерусалим бил освоен и разурнат од Вавилонците. По падот на Ерусалим пророкот насила го одвеле, заедно со многуброен народ, во Египет. Таму Еремиј на дотогашните маки ја додава и маченичката смрт. Убиен е со камења од своите сонародници.
Еремиовден или Ирминден — еден од поголемите христијански празници од пролетниот циклус којшто е непроменлив празник и секогаш паѓа на 1 мај, односно на 14 мај по стариот календар. Овој празник се празнува како еден од поголемите пролетни празници, а обичаите и верувањата поврзани со него се во функција на магиска заштита од змии, гуштери и други влекачи. Иако и на други пролетни празници се изведуваат обичаи за заштита од вакви штетници се чини дека тоа најмногу се прави вечерта спроти Еремиовден. Во песните што се исполнуваат со овие обичаи Еремија е претставен како митски јунак. Тоа пак, од друга страна, значи дека иако во основата на овој празник е споменот на светиот пророк од Стариот завет – Еремија, обичаите и верувањата водат потекло од најдалечното минато на човекот.