Претседателот на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Николов, реагира за тоа што Владата бара изговори, наместо неодложно, без никакво пролонгирање да почне процедурата за набавка на лек за болните од цистична фиброза, затоа што е загрозено здравјето и животот на тие луѓе.
Иако постојано е загрозено здравјето на пациентите, некадарната власт има игнорантски однос кон нив и го крши уставно загарантирано право на пациентите.
Сето тоа доведе до директна одговорност за згаснување на млад човечки живот.
Оттука прашуваме:
Прво, што ја спречуваше Владата и зошто досега не е иницирана директна постапка од Владата за набавка на лек иако голгота на пациентите трае повеќе од две години?
Второ, зошто 6 години не е направен ниту еден исчекор во однос на законските процедури кои денес се наведуваат како причина за необезбедување лек, иако процедурите во конкретниот случај не се пречка за набавка на потребниот лек?
Трето, како одеднаш Владата ги обезбеди потребните средства, а две години ништо не правеше освен што повторуваа дека лекот е прескап?
Сепак, има пари за вработување за неефикасна администрација, а денес главното оправдување е дека токму таа администрација е главната пречка и главна одговорна која го блокирала набавувањето на лекот.
За власта, предводена од Димитар Ковачевски поважни беа партиските математики и пазарења, со кои здравството го стави на продажба, а денес последиците ги гледаме сите, реагира Николов.
Тој додава дека на последната седница на Владата, поважно беше да се изгласа предавање на пералната на клинички центар и приватизацијата на стерилизацијата отколку изнаоѓање на средства за лекот за цистична фиброза.
Повторно потенцираме, недозволиво е лекот да е поскап од човечкиот живот и наместо префрлување на одговорноста за вина од еден на друг, бараме владата да преземе колективна одговорност и да замине час поскоро!
Потребни се оставки, а не оправдувања!, порачува Николов.