Партијата на Гаши останува надвор од владата, премиерот Димитар Ковачевски до Собранието го достави новиот владин кабинет, но и барањето за разрешување на сите тројца министри од Алтернатива.

Алијанса, како што објави ТВ Сител, и официјално го превзема и министерството за информатичко општество од Алтернатива. Партијата на Таравари го презема правда со Кренар Лога, здравство со Фатмир Меџити, и информатичко општество со Азир Алиу.

ДУИ за Алијанса го отстапува заменик министерското место во одбрана, но ја добива заменичката позиција во образование, каде веќе има и министер од своите редови.

Највисоките партиски органи на Алтернатива утре ќе решаваат дали без министри во владата ќе останат дел од мнозинството

Од СДСМ денеска со порака до Гаши, вратата е отворена за некоја идна соработка

За ВМРО-ДПМНЕ новиот состав на Владата е „пазар 3 коалиција“.

– Додека со месеци се договараат, луѓе умираат поради недостиг на лекови, инфлацијата се зголемува, имаме студена војна со Бугарија, по предложениот состав јасно е дека не договарале квалитет, туку договарале бизниси и тендери. Во состојба кога Собранието се уште не знае дали постојните министри се разрешени или сами си даваат оставка, новиот предлог на Ковачевски е срам за Македонија. Така министер за правда се предлага братот на осомничениот за убиство на Дилавер Бојку, вели Стоилковски.

Спикерот Џафери веќе ја закажа Собраниската седица за реконструкција на владата в понеделник во 15 часот. Министерите Тупанчевски и Нуредини веќе си поднесоа неотповикливи оставки од функцијата, кои Собранието само ќе ги констатира. Министерите од Алтернатива кои заминуваат засега не откриваат дали ќе понесат оставки или ќе чекаат в понеделник да бидат разрешени.

Собранискиот деловник за разешување на министери предвидува седница за која времето за дискусија не е ограничено.