Старите стружани порано на занаетчиските дуќани им давале имиња загатливи и смешни, но коишто добро ја одразувале суштината на дуќанот. Јас имав среќа некои од нив да запишам од татко ми Никола. Ќе ги предадам во следниов преглед.
Ајван-доктур: ветеринар.
Волночешлање и Каделки: преработка на волна на дерак. Се вртело со раце.
Горен-камен: варџија.
Ѓон-мукафа: чевларски производи (под поимот „џон“ се подразбирало убаво изработени чевли за носење, а под „мукафа“ чевли за починати изработени од слаба кожа од кај мевот на животното).
Ендезе: ткајачи на чоја и преработувачи.
Златен плуг: орачи на земја со убави плугови, т.е. со јаки ѕевгари за длабоко орање.
Златен чекан: ковачи, бравари.
Кадро: фотографии.
Касапница: месарница.
Калајџии: изработка од бакар: тепсии, ѓумови, мангали.
Крпење брз конец: лепење на разни предмети (ова име го користеле повеќе видови занаети).
Крпач: поправка на разни занаетчиски изработки. Крпачот бил приучен мајстор.
Кувет: кафеана за пијачка (вино, ракија).
Лихвар: давање пари на заем со заложување (хипотека) имот (куќа, нива, стока и друго).
Мајстор: добар познавач на работата, на занаетот. Ова име на фирма било реткост.
Мешинар: преработка на кожа за потребите на населението и занаетчиите.
Сврдел: самарџии и бочвари.
Ст’мба: убава изработка (ова име го користеле разни занаети: молери, фасадери и др.).
Стомнари: грнчари, калџии.
Сто игли за м’гар-грош: терзии, забунџии, плетачки.
Сто пратој: плетачи со праќе (леси, кошови, табли, кошници).
Студено- благо; сладолед.
Тргај некини: посредници, џамбази.
Тишина: изработка од ламарина (печки, ќумци, корита и сл.)
Точност: часовничари.
Ф’ртомџија: јажар.
Чуној: чунари, праваење чунови.
Џамџија: стаклар.
Шумалки: дрводелци, столари.
Ваквите имиња на занаетчиските дуќани, според кажувањето на татко ми, било до 1920 година, кога старите биле заменети со посовремени имиња.
Порано и во мое време, дуќанџиите имаа прекари, дури некои и непријатни. По прекарите се викаа и никој за тоа не се лутеше. Дури доста муштерии мислеа дека тоа им е крстено име. Еве некои од нив: Аримзаде, Ајгар, Атата, Бабалак, Бајчуле, Д’ткало, Кадро, Кривошија, Машала, Манџа, М’нгар, М’рсулко, Мишка, Муле, Пичлеме, Пичуш, Плута, Постол, Прцко, Стипца, Тралала, Тупан, Фушар, Чипан, Чукнат и др.
Занаети и фамилии што се занимаваа со нив до 1945 година
Автомеханичари: Аргир, Волинковци, Домазет, Исмаил, Ламче, Скепаровци, Узуновци, Чела, Чурковци.
Анџии кои имале анови за луѓе и жива стока: гускаровци, Кленкој, Несторовци, Чобасовци и повеќе други.Анови држеа и некои турски фамилии.
Аптекари: Турчинот Муртеза, Елена Кавај Бранко Бајатовиќ (1925), Боро Николовски (од 1938) и Дуновци.
Бербери: Беко, Белковци, Битолко, Калајџиевци, Кочовци, Тортовци, Тутец.
Бојаџии: Караџулевци, Пулејковци.
Бурекчии: Беловци, Буриловци, Симаковци.
Варџии: Матовци и селото Вишни.
Велосипедџии: Матовци, Кочовци (продавање, давање под кирија на час или на ден и поправка).
Ветеринари: Гелинчевци, Опетчевци.
Влечари: Лазаровци, матовци (влачење волна, памук).
Влечки: (терлаци, папучи): Ковачевци, Папуџиевци.
Грнчари: Голабовци, Миладиновци, Хаџиевци.
Забунџии: Жупановци, Кочовци, Љондровци, Матовци, Кумбаровци, Ничевци.
Јорганџии: Каваевци, Ковачевци, Матовци.
Казанџии: Грданој, Кукунешој, Мешкој.
Кајачари: Белевци, Гаговци, Јовановци и Јоновци.
Калајџии: Тортовци.
Капари: Кочовци, Пинтовци, а за фесој: Корум, Папрадник.
Карванџии: (со коњи и маски пренесување разна стока по поблиски и подалечни градови. Кога имале поголеми зафати, под кирија земале коњи од соседните села): Грдановци, Матовци, Ќатовци.
Касапи: Билјановци, Кочовци, Матовци, Точкој.
Кафтанџии: Кочовци, Матовци.
Ковачи: Ковачевци и Копчовци патронимот го добиле по занимањето на нивните претци. Подоцна ковачкиот занает во Струга главно го работеа Египќаните (Еѓупците): Адемовци, Земовци и Синановци).
Колари: Талевци (правење коли, колца за дрвени коли).
Кувенџии: Деребановци, Ковачевци, Коркутовци, Крлевци, Кувеџиевци, Матовци.
Лихвари: Гоџовци, Евровци, Ѓаргиќ, Матовци и др.
Народна носија: (долги марами, ткаенини, народна женска носија од ленен конец): Жупановци, Кочовци, Кумбаровци, Лондра, матовци.
Машинобравари: Гаговци, Доковци, Јановци, Ковачевци, Матовци, Точко, Џемал, Шиповци.
Молери: Белковци, Мисовци, Ицко.
Налбати: претежно беа турски фамилии. Тие изработуваа потковици и поткојуваа: волови, коњи, магариња, маски: Асан, Дудш, Ќазим.
Орачи (со волови и коњи кои вршеа и превоз на разна стока по села и градови): Абче, Арап, Бунчевци, Грдановци, Корча, Лазаревци, папаз, Прцулковци, Чакаревци, Шате.
Ортомџии (правење ортоми, јажиња, огламници за жива стока): Матовци.Откуп на кожи: Милевци.
Плетење трска: Голабовци, Дукаровци, Кошарковци, Матлиевци, Миновци, Таневци, Тупенчевци, Чузевци.
Плетење од волна: Коџомановци (со машини и рачно).
Посредници (џамбази): Карамитревци, Тупанчевци и др.
Праваење тетратки и прибор за ученици: Јонче Гоџо, Милан Топал.
Превозници: Домазетовци, Дурацовци, Чурковци, Волиновци, Узуновци (првите со камиони и со такси), Ристо Шлеро, Лабровци; со запрежни коли: Абиче, Бунчеј, Грданој, Корча, Папас, Прцула, Чакареј, Шате.
Преработка на волна: Матовци (веленца, јамболии и др.).
Од книгата Записи за минатото на Струга, 2. од Јоне Кленко, Струга 2007 г. (Подготви Марко Китевски)