Почнувајќи од 2023 година, се очекува Европската Унија да почне да го применува системот ЕТИАС. Овој систем, доколку биде комплетиран, ќе претставува чекор назад за балканските земји и други држави од светот кои сега имаат слободен, безвизен режим на патување до земјите членки на ЕУ.
Според ЕТИАС, патниците ќе мора да поднесат потврда за својот идентитет, да испратат копија од патната исправа и да одговорат на низа прашања за причината за патување и прашања поврзани со нивниот имотен, сеемен статус, кривично минато, престој во конфликтни држави и на други чувствителни теми. Ќе се наплати и такса од 7 евра за сите патници на возраст од 18 до 70 години.
За разлика од сегашниот модел, каде државјаните на Македонија и другите балкански држави – освен Косово – генерално слободно можат да ги поминат границите на членките на ЕУ, според моделот ЕТИАС, ќе мораме да чекаме одговор од земјата во која сакаме да патуваме, кој може да биде и негативен. Еднаш добиената ЕТИАС виза потоа ќе биде валидна за три години.
Во Брисел се уште не се сигурни кога овој систем ќе биде пуштен во дејство, бидејќи Унијата се соочува со силен притисок од држави кои сакаат да ја избегнат оваа мерка – вклучително и од Британија, која стравува дека и нејзините граѓани ќе бидат ставени на истата листа со Балканците.
Оваа мерка е едно од ограничувањата кое земјите кои се чувствуваат загрозени од големиот наплив на мигранти, како Холандија, ги бараат за да се ограничи пристапот на балкански државјани до ЕУ. Системот ќе важи и за соседните држави, како Бугарија и Грција, како и за земји кои не се членки на ЕУ како Норвешка и Швајцарија. Системот ќе се однесува за граѓаните на преку 60 држави кои сега имаат слободен, безвизен режим на патување во ЕУ.