Приредила: Јованка КЕПЕСКА

(Од „Необјавени страници за македонскиот јазик на Круме Кепески“)

*…Во вакви услови се развивало и културно – просветното дело во градот. Во прво време, училиште имало само во манастирот Трескавец. Тоа било манастирско – келијно училиште. Учителите биле калуѓери кои ги подготвувале своите ученици за калуѓери и свештеници. Во манастирот имало богата манастирска библиотека. Таа ја ползувале овие ученици. Во манастирот се препишувале стари црквени книги. При препишувањето се пазела традицијата да се сочува стариот јазик во книгите, но препишувачите несвесно внесувале по некои црти, гласови и зборови од својот говор – односно прилепскиот. Тоа внесување на црти од народниот говор особено се зајакнало од XVII и XVIII век наваму.

Според Селишчев, во манастирот имало многу книги. Некои од нив, многу ценни средновековни документи, повелби, евангелија, апостори, псалтири и др. биле зафрлени по демите и таваните.

Во време на слабеењето на турската држава манастирите биле незаштитени од разни насилници и одметници Турци, а уште повеќе од плачкаши, Арнаути. Особено тешка била положбата во XVIII и почетокот на XIX век. Според Јован Хаџи – Василевиќ на манастирот напаѓале бесни Арнаути, го пљачкале манастирот Трескавец и дури еднаш ги исклале калуѓерите. Некој Албанец побегнал во манастирот со грабната рисјанска девојка и сакал да живее во манастирот. Но калуѓерот (според некои преданија – владика) Данаил се спротивил на тоа. Истиот бил заклан во манастирот. Според други преданија Данаил бил насилно потурчен, но сепак не се откажал од рисјанството и кога јавно го искажал тоа мнение, бил отепан и закопан во Прилеп, во турските гробишта крај самиот пат кој води за

*Недостасува краток текст.

Градско. На градот му ставиле два камена – жртвеника, земени од некоја црква или манастирот Трескавец кој во претхристијанско време бил пагански Храм. Навистина и до денеска има таков гроб во Прилеп, крај патот за Градско, на ивицата од некогашната турска гробница, а близу Основното училиште (кое беше зграда за учителската школа во време на бивша

Југославија). По моето мнение овој гроб е уште од римско време, (бидејќи такви имаме и други од искажувања на дадени учители).

Други преданија го поврзуваат ова колење на калуѓерите со Кала Мара, која била рисјанка – па се потурчила. Таа сакала да се причести во манастирот Трескавец. Кога не ѝ позволил главниот калуѓер, таа наредила да се исколат сите калуѓери во овој манастир. Труповите стоеле незакопани подолго време. По мирисот дошла некоја мечка и ги јадела лешовите на калуѓерите. Поради страв од мечката не можеле да одат луѓе во манастирот. Потоа се надоврзува легендата како громови ровја ја отепалe мечката.

Значи, манастирот почнал да запаѓа особено во втората половина на XVIII век. Во текот на првата половина на XIX век тој страда особено од грчките владици и свештеници фанариоти. Според некои податоци имало и такви егумени кои отворено го пљачкале манастирот. Некој егумен – Грк (Аким) дури наредил да се горат манастирските ќумбиња со старите црквени книги и повеќе денови гореле во манастирската фурна и ќумбиња разни стари драгоцени документи и книги. На тој начин биле уништени многу книги од богатата манастирска библиотека на Трескавец, долговековен расадник за словенска писменост и култура.

Во XIX век со јакнење на занаетчиството и трговјата, т.е. со создавањето на македонската буржоазија, управата преминува од калуѓерите во рацете на разни свештеници, егумени и епископи. Се споменуваат во манастирските книги поповите Поп Ристо од Зрзе …па Трајче Хаџи – …поп Спиро и Веле од Коњари и…од Прилеп и поп Ангеле од Дабница и поп Ангеле од Сламушка…

Во втората половина на XIX век во управата на манастирот навлегле и разни граѓани – претставници на еснафите. Грижата за управување и унапредување на манастирот преминала од еден на друг еснаф. Со еснафски пари се соѕидале многуте манастирски одаи и поправени се некои простории кои биле готови за рушење. До третата или и четвртата деценија од 19 век имало само кeлијни училишта во Трескавец и при црквата Свети Димитрија во Варош. Во нив се учело од црквено – руските книги. Во Трескавец манастирската школа престанала да работи дури во 1870 година. Особено како и во Варош изиграла многу голема улога во поглед создавањето на првата етапа од прилепска интелигенција и дала неколку учители.

(ПРОДОЛЖУВА)