Дарко ЈАНЕВСКИ

За време на нејзиниот говор на Конвенцијата на Републиканската партија, ќерката на американскиот претседател Доналд Трамп, Иванка, ја раскажала приказната за нејзиниот тригодишен син Џозеф кој од лего коцки ја направил Белата куќа и му ја подарил на дедо му.

„Кога се преселивме во Вашингтон, не знаевме на што точно ќе наидеме, но на Џозеф очигледно му се допадна. И син ми брзо ја изгради за својот дедо Белата куќа од лего коцки и му ја подари. Претседателот го чува подарокот во тркалезната соба и го покажува на светските лидери за да се пофали дека го има најдобриот внук на светот“, рекла Иванка.

И тука почнува „драмата“ на независното, професионалното и објективно американско новинарство. Тоа што следи е хистерија, која нас не враќа во времето на Шарената револуција и на новинарството од времето на „шарените“ кое се уште трае и се промовира како вредност (и не само кај нас…).

Прв реагирал уредникот за бизнис вести од Белата куќа на Блумберг, Алекс Вејн:

„Нашите репортери се секој ден во тркалезната соба во Белата куќа и никој од нив не ја видел лего Белата куќа“.

Ви се верува? Можно ли е ова? Каде е лего Белата куќа на синчето на Иванка Трамп? Колку милиони од оваа земја во која се бараат коцките што внукот му ги подарил на дедото, се потрошени во Македонија за наводно професионално и објективно новинарство? Хмм, а Блумберг сепак не е било кој медиум.

Но, да одиме понатаму.

Брејтбарт ова го проследи со следните зборови:

„И другите претставници на медиумската мафија веднаш си го истакнаа болниот ум и се вклучија во хајката“.

Ова се однесува на фактот што „драмата“ не завршува со Вејн. Се вклучува и Андреа Берштајн – авторка на многу книги, уште еден познат егземплар на новинарството какво што е инсталирано и во Македонија.

Авторката на книгата „Олигарси“, напишала дека некогаш, на сличен начин Иванка опишала дека таа од лего коцки го направила познатиот Трамп облакодер во Њујорк. Тоа, според неа, било доказ дека и сега Иванка лаже дека син и Џозеф ја изградил Белата куќа од коцки.

Дали е ова новинарски случај? Дали можете да замислите дека некој од новинарите кој е опозиционо настроен при слична ситуација би се нафрлил на Пендаровски? Тешко. Тоа би било смешно дури и за нас. Впрочем кого му гајле за тоа! Но, чекајте малку. Дали можете да замислите сличен текст против Груевски кога би имал внук или против Ѓорги Иванов? Посебно во времето кога му ја палеа канцеларијата, а „цвикерите“ на Грујо беа случај, за разлика од сегашните милиони на Заев? Сега ситуацијата се менува, нели? Ова веќе може да се замисли. Впрочем, се сеќавате на ситуацијата кога сегашни вмровски ортаци правеа случај од вратоврските кои Иванов ги купувал? Или со тоа како ги нишанат Груевски, па после Мицко?

Како и да е, продолжува порталот Брејтбарт, ова е фотографијата од Белата куќа што ја направил Џозеф пред говорот на Иванка Трамп на Конвенцијата.

Брејтбарт го публикуваше и твитер статусот на Каролина Харвеј, специјален асистент на Трамп. „Не ми се верува дека новинарите навистина се обидуваат да ја проверат валидноста на подарокот што внукот го направил за дедото“.

Поради ова, наведува Брејтбарт, Business Insider беше принуден да ја промени лажната вест.

Но, ако мислите дека ова беше крај на ЛегоГејт, наведува Брејтбарт, се лажете.

Така, Бернштајн напишала: Поставив прашање до Белата куќа, дали 3-годишниот Џозеф навистина ја изградил Белата куќа од лего коцки самостојно и по своја иницијатива или имал помош…“

Ова наликува на налудничавоста на некој си проверувач на факти во Македонија кој пронајде тенденциозност во еден наш текст во ден кога имавме кој знае колку мртви и новозаразени од Ковид 19. Насловот на текстот почнуваше со „Продолжува „Данцот на чекичот…“, алудирајќи на не баш интелигентните објаснувања на Зоран Заев за нашата стратегија против Ковид 19, па на ваквите инсталации тоа не им се допаднало. Шутраци. Броиме мртви, и тоа е во ред, ама немој да ги налутиме Заев и Филипче. Гледјате и читајте ја Бернштајн, ете ви го оној Вејн, и ја имате истата слика. Дали е таа жена нормална? Дали навистина поставила прашање во Белата куќа?

Очигледно да. Самата се пофали. „Ова е вистински твит од вистински новинар, публикуван од ProPublica“ продолжува Брејтбарт. Бараме дали кај тие медиуми каде што Бернштајн објавува има реклами од Митко Јанчев, од Алкалоид, од Орце Камчев, од Чифлиганец, дали таму се рекламираат Комерцијална, Стопанска – скопска и битолска, дали Сашо Мијалков ја впрегнал Бернштајн како што го впрегнал малото Стојменче на Канал 5, па не поминува ден без прилог за смена на Мицко, а станал ортак дури и со Филип Петровски, дали ја имало Еуростандард на Трифун невиниот кој знаел како милиони му одат во Струмица… Хммм, нема. Штета. Ваква величина како Бернштајн да остане без поддршка од Северна во нејзината борба за уривање на Трамп и враќање на нашиот стратешки партнер на вистинскиот пат со победа на Бајден – штета!

Брејтбарт не и останува должен. Па вели:

„Можете да ја разберете нејзината загриженост. Ова не е случај во кој Џозеф (внукот на Трамп, н,з,), зел милиони од украинска енергетска компанија или милиони од Кина“ (алудираат на Хантер Бајден, н.з. слично како сегашната „занимација“ на македонските медиуми со Мицко, додека СДСМ и ДУИ товарат милиони).

Брејтбарт завршува со:

„Хантер Бајден не смее да се спомне. Тригодишниот Џозеф – да!“