ОД ПОЛНОЌ ПОЧНУВА ЦЕНОВНИОТ ШОК: Се очекува лебот да поскапи за 6 денари, како и шеќерот, брашното, солта, млекото, оризот…

/ 31.05.2022

Владините мерки за ублажување на ценовниот шок завршуваат денеска на полноќ, а веќе од утре се очекува на полиците во маркетите да има нови повисоки цени на лебот, шеќерот, солта, брашното тип 400, суровото сончогледово масло, сончогледовото масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, свежото месо и сувомеснатите производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата, тестенините, пченицата, овошјето и на зеленчукот. Трговците и производителите веќе се подготвени од утре да ги вратат цените за висината на процентот на маржата и на Данокот на додадена вредност, објавува ПлусИнфо.

Дополнителен удар за граѓаните ќе бидат и новите цени на горивата, кои од полноќ ќе се пресметуваат со ДДВ од 18 отсто, бидејќи завршува и мерката за намалување на данокот за гориво на 10 отсто. Истовремено, завршува и мерката за намалување на акцизата врз основа на берзанските цени.

Владата досега не понуди нови мерки, ниту пак се изјасни за продолжување на актуелните . Според најавениот дневен ред на денешната владина седница, нема точка поврзана со мерките.

За граѓаните ова не е веќе изненадување, бидејќи и досега секој ден имаа нови цени на прехранбените производи кои за една година, официјално според статистиката, се зголемија за 13 отсто.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ ова е нов удар врз стандардот на граѓаните. Опозицијата најави предлог на нови измени на законот за ДДВ, според кои нема да се плаќа ДДВ за прехранбени производи, а данокот за горивата да изнесува 5 отсто.

Почнувајќи од утре лебот и брашното со повисока маржа и пресметан ДДВ од 5 отсто ќе имаат повисока цена за 5 до 6 денари, а поскапи ќе бидат и другите производи за кои досега имаше ограничена маржа, а не се пресметуваше ДДВ. Но, сѐ ќе зависи од тоа во кој маркет ќе се купуваат овие производи, бидејќи трговците самостојно го утврдуваат процентот на маржата. Пред ограничувањето на маржите на 5 отсто односно на 10 отсто кај трговците на големо и мало, тие пресметуваа маржа од 20 отсто до 30 отсто. Маржата, пак, која ја пресметуваа производителите во крајната цена на производите се движеше од 2 отсто до 3 отсто. Според ова, јасно е дека треба да се очекува поскапување од најмалку 15 отсто, поради маржата и поради дополнителните 5 отсто за ДДВ за производите за кои во изминативе три месеци не се плаќаше ДДВ.

Владата неодамна најави дека се прават анализи кои ќе ги одредат следните чекори по завршувањето на претходните мерки за ограничување на маржата и намалувањето на ДДВ, за што ќе ја информира и јавноста. Но, до овој момент нема најава за нови мерки.

Плусинфо денеска ги праша и Владата и Министерството за економија дали има некакви измени во однос на мерките или дали се подготвуваат нови мерки, но до објавувањето на овој текст не доби одговор.

Пред една недела од владата се повикаа на антикризните мерки вредни 400 милиони евра.

– За да се ублажат влијанието на новата енергетска криза и на ценовната криза врз стандардот на граѓаните и врз ликвидноста на стопанството, веќе донесовме пакет мерки во вредност од над 400 милиони евра. Во рамките на тој пакет се опфатени и мерките за намалување, односно укинување на стапката на ДДВ на основните прехранбени производи, од 5 на 0 отсто, намалена е стапката на ДДВ од 18 на 10 отсто за нафтените деривати, како и стапката на ДДВ за електричната енергија која е намалена уште минатата година од 18 на 5 отсто и таа стапка ќе се применува до крајот на годината – изјавија за Плусинфо тогаш од Владата.

Целиот текст прочитајте го ТУКА.


Од истата категорија