Во руските дипломатски архиви има многу документи кои недвосмислено зборуваат за тоа дека Русија со сите сили се залагала за уништување на македонското револуционерно движење, односно за уништување на идејата за Македонија како самостојна држава. Според документите во руските архиви од почетокот на минатиот век, Русија постојано инсистирала на стаус-кво, односно Македонија да остане во догледно време под окупација на турската империја, а потоа, во даден момент, да се подели меѓу соседните балкански држава, што и е ќе биде сторено со нејзина силна поддршка и помош по Втората балканска војна.
Ваквата шовинистичка политика била константа во руската дипломатија на Балканот. Во 1901 година, на пример, по едно релативно затишје во Македонија, самата руската дипломатија повторно истапува со остар тон кон македонското прашање.
Според д-р Растислав Терзиоски, кој ги истражувал архивите на руската дипломатија од крајот на 19-ти и почетокот на 20-ти век во однос на Македонија и македонското прашање, руската империја инсистирала на сурови дејства против револуционерното движење во Македонија. Рускиот амбасадор во Цариград, искусниот Иван Зиновјев, доставува официјална декларација пред Високата порта со поддршка на турската власт за преземање најстроги мерки против организаторите на безредијата во Македонија.
Притоа Русија нема никава немара да ја ограничува Турција во тој однос. Или, со други зборови кажано – убивајте, палете, бесете, не смее да се дозволи македонската револуција да победи и македонскиот народ да се ослободи.
Рускиот конзул во Скопје, В. Машков, во своето писмо од 27 јануари 1901 година до рускиот амбасадор во Цариград, Зиновјев, отворено ја критикува ’извесната слабост на султановата влада’ спрема постојаната ’дрскост на македонските комитети’, која, како што вели амбасадорот, ’предизвикува оправдани страхувања на арнаутските патриоти во поглед на интересите на автономна Албанија’.
Значи, македонското револуционерно движење треба да се сотре во корен, затоа што ’оправдано ги загрижува арнаутските патриоти во врска со нивните интереси за автономнна Албанија’. Според оваа констатација на Зиновјев, Русија нема ништо против идејата за автономна Албанија, но никако не може да замисли автономна Македонија.
Два месеца подоцна, на 15 март 1901 година, истиот руски конзул во Скопје со огорченост го известува рускиот амбасадор во Цариград за тоа дека ’дејците на комитетите остануваат неказнети’, или ’недоволно строго казнети од турските власти’, кои, според него, ги затвораат очите за нивните престапи, плашејќи се од крупни политички случувања. Заобиколувајќи ги бунтовниците, нивната дрскост се повеќе и повеќе расте’. Според тоа, ’браќата Руси’ инсистираат Турција да биде многу пожестока, да ги ликвидира сите дејци на македонското движење, а не да затвораат очите и македонските револуционери да остануваат неказнети. Русите очигледно била многу пожестоки антимакедонци дури и од Турците.
Сепак, на 29 март 1901 година министерот за надворешни работи Ламздорф со радост констатира дека ’благодарение на сериозните сугестии од страна на Русија, биле преземени решителни мерки против македонската организација’. Мошне интересен е и рускиот однос кон таканаречата афера Мис Стон од септември 1901 година. Имено, во разрешувањето на случајот најдиректно се вмешува руската дипломатија со тоа што рускиот дипломат во Софија, Бахматеев, енергично се заложува за брзо откривање на киднаперите зошто сето тоа може да го наруши мирот и руското влијание на Балканот, а тоа не оди во полза на руските интереси.
Следејќи ја активноста на македонските револуционери, особено онаа на Борис Сарафов, рускиот дипломат во Белград, Чариков, во дописот од 2 јануари 1902 година, меѓудругото известува дека „познатиот македонски деец Сарафов се обратил кон српската влада со предлог да им се допушти непречено дејствување на неговите луѓе во Кралството со цел да се подготви големо, пролетно востание во Македонија“.
Според изјавата на Сарафов, ’тој и неговите следбеници се борат за независна Македонија, настојувајќи во таа област да не владеат ни Срби ни Бугари’. Следниот месец, на 8 февруари, Чериков известува за тајната посета на Сарафов во Белград, и помошта што ја барал за организрање на македонската револуција и создавање автономија во Македонија. Во врска со тоа Чариков известува дека ’српската влада, следејќи ги советите на Руската императорска влада, не оди на таква поддршка’.
Во истиот извештај Чариков сугерира дека за ’смалување на шансите за востание’, Сарафов треба да се ’земе во здрави раце’. Дали со тоа можеби не се има предвид ликвидирање на Сарафов? И, ако е така, ако Русија имала таква идеја, дали во едно такво сценарио не се вклопува и ликвидацијата на Гоце Делчев токму во предвечерието на Илинденското востание, за чиј старт, патем, Русија прва го информира султанот и портата во Цариград?
Министерот за надворешни работи Ламздорф во февруари 1902 година му препорачува на својот амбасадор во Цариград да и обрати сериозно внимание на Отоманската влада, односно да се ’инсистира’ на ’соодветни мерки за благовремено спречување на немирите во Македонија, кои можат да предизвикаат крајно опасни компликации на целиот Балкансски Полуостров’, што што ќе бидат загрозени виталните интереси на Русија. На 27 февруари 1902 година, Н. Чариков го известува својот министер Ламздорф за подготовката на Македонецот Марко Мушович да го посети рускиот цар. Во разговорот што го водел со него му дал на знаење дека ’никаков револуционерен обид нема да наиде на поддршка од руската влада’.
Десет месеци подоцна, при постетата на Софија на 14-15 декември 1902 година, рускиот министер за надворешни работи Ламздорф, од името на царот, пренесува порака Бугарија да остане мирна, да не се прават проблеми, бидејќи нема да има никаква корист од тоа, а Русија и Австро-Унгарија, во согласност со други влијателни земји, ќе го решаваат македонското прашање преку реформи: ’Вие можете да војувате ако мислите дека сте јаки, дури да влезете и во Цариград, но ние нема да ви дозволиме да задржите ниту педа од територијата што би ја освоиле’.
Рускиот министер во својата резиденција во Софија ги примил на разговор Татарчев и Матов како задгранични претставници на Македонската револуционерна организација, но, по неколку дена, Ѓорче Петров оваа средба ќе ја коментира како ’игра што ја приредиле бугарската влада и кнезот, па двајцата отидоа да му ветат на Ламздорф зачувување на мирот во Македонија во името на некакви реформи’. По враќањето во Русија, Ламздорф го информира царот дека македонските комитети ’во никој случај не се задоволуваат со ветените рефорнми за подобрување на положбата туку бараат автономија на Македонија, ако треба и со насилни промени на постоечкиот поредок на Балканскиот Полуостров’. Затоа во февруари 1903 година, руската амбасада во Цариград ги обврзува сите конзули енергично да ги осудат дејствата на македонските револуционерите и јасно да стават до знаење дека ’Русија нема да жртвува ниту капка крв на своите синови за некаков обид да се измени постоечкиот поредок на Балканот од страна на револуционерите’.
(Продолжува)