Американската амбасадорка во Тирана, Јури Ким, е назначена за заменик помошник главен секретар за европски прашања, што е најважната функција во Стејт департаментот по државниот секретар, јавија албанските медиуми.
Дипломатката Ким официјално ќе ја преземе новата функција од 10 јули.
Таа е на крајот од амбасадорскиот мандат во Тирана и се очекува да биде заменета со дипломатот од кариера Дејвид Џ. Костеланчик, кој служеше во Амбасадата на САД во Албанија во раните 90-ти, во политичката канцеларија и добро го владее албанскиот јазик.
Тој во моментот работи како советник за надворешна политика на началникот на Генералштабот на САД, генерал Марк Мили. Претходно беше заменик-шеф на мисијата и две години вршител на должност во Амбасадата на САД во Будимпешта, Унгарија.
Костеланчик двапати беше дел од Амбасада на САД во Москва, а служел и во мисиите на САД во ОБСЕ и НАТО, како и во Анкара, Турција.
Дипломатот Костеланчик, по потекло од државата Илиноис, дипломирал на Универзитетот Нортвестерн во оваа држава. Тој, исто така, има две магистерски дипломи од Националниот воен колеџ и Универзитетот во Мичиген. Зборува руски, унгарски, албански и турски јазик.