Американскиот државен секретар Ентони Блинкен го започна вториот, последен ден од неговата посета на Кина со средби со високи кинески претставници.

Двете страни, чии односи се толку затегнати што многу аналитичари предупредуваат на опасно сценарио, досега изразија подготвеност за разговор, но не и волја да ги ублажат своите цврсту ставови и позиции, што предизвика раст на тензиите.

Блинкен утринава се сретна со главниот кинески дипломат Ванг Џи, но ниту едниот не даде никакви коментари за новинарите.

Во првата рунда разговори вчера, Блинкен разговараше со кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг речиси шест часа, потврдувајќи ја согласноста за продолжување на разговорите на високо ниво, но немаше знаци дека некое од најитните прашања е блиску до решавање.

Двете страни потврдија дека Чин ја прифатил поканата на Блинкен да го посети Вашингтон, но Пекинг јасно стави до знаење дека кинеско-американските односи се на најниската точка од воспоставувањето, а и американските власти го делат овој став.

Списокот на спорни прашања е долг и вклучува несогласувања кои се движат од трговијата до Тајван, условите за човековите права во Кина и Хонг Конг до кинеската воена самоувереност во Јужното Кинеско Море и војната на Русија во Украина.

Останува нејасно дали Блинкен ќе се сретне со кинескиот лидер Си Џинпинг за време на неговата последна посета на Пекинг.