На ден пред официјалниот почеток на кампањата за парламентарните избори претставници на партиите денеска ќе потпишат Кодекс за фер и демократски избори. Ноќеска на полноќ, пак, заврши рокот за пријавување на болни и изнемоштени за гласање на претседателските избори на 24 април. Од утре до 22 април на полноќ кампањите за претседателските избори и за парламентарните избори се преклопуваат, а кампањата за парламентарние избори ќе се одвива и за време на молкот за претседателските избори.
Владата на вчерашната седница одлучи 24 април 2024 година (среда) и 8 мај 2024 година (среда) да бидат неработни денови за сите граѓани на Република Македонија, заради непречено спроведување на изборите за Претседател на Република Македонија и изборите за пратеници во Собранието на Република Македонија и овие два неработни дена нема да се одработуваат.
Владината одлука се однесува на сите граѓани на територијата на Република Македонија.
Караваните на претседателските кандидати продолжуваат и денеска. Кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, ќе ја презентира програмата пред граѓаните во Чашка, Свети Николе и Велес. Кандидатот за претседател на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, ќе одржи средби со граѓани во Чучер-Сандево, Бутел, Чаир и во Гази Баба. Кандидатот за претседател на државата од коалицијата ВРЕДИ, Арбен Таравари ќе ја презентира програмата пред граѓаните во Општина Липково. Кандидатот за претседател од ГРОМ, коалиција „Храбро за Македонија“ Стевчо Јакимовски во Струга, во Охрид и во Битола ќе одржи средба со граѓани.
Синоќа претседателскиот кандидат поддржан од СДСМ Стево Пендаровски беше во Велес. Тој пред своите симпатизери и граѓаните на Велес потсети дека пред четири години Владата предовдена од СДСМ успеа да постигне договор со нашиот јужен сосед и да ја внесат државата во НАТО, што е предуслов за било каков економски развој.
-Триесет години никој немаше храброст, никој немаше доволно знаење и посветеност да го реши тој проблем за кој најголемите светски дипломати мислеа дека е нерешлив. Оваа политичка структура во која сум и јас го реши и ја прецесуираше Македонија во најголемата алијанса. Со тоа Македонија со 1,8 милиони луѓе е заедно со најголемите и најразвиените светски велесили, нагласи Пендаровски.
Тој и порача на неговата противкандидатка од ВМРО-ДПНМНЕ Гордана Силјановска да избере што ќе биде, претседател или врховен командант на Армијата. И потенцира дека без Преспанскиот договор нема членство во НАТО.
-Делумно е манипулација на нашите граѓани и потценување на нивната интелегенција, а делумно е зошто не знаат што зборуваат сега, што зборувале порано и што напишале во програмата. Пред 4 години госпоѓата има изјавено во една телевизиска емисија дека потписниците на Преспанскиот договор треба да бидат кривично гонети, треба кривично да одговараат. И сега велиш дека е добро што сме членка на НАТО. Епа госпоѓо, без Преспа нема НАТО, истакна Пендаровски.
Гордана Силјановска Давкова, кандидатка за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ беше во Гевгелија. Од таму порача дека мора да имаме уставен патриотизам и да ги почитуваме основните одредби на Уставот, а особено Преамбулата.
– Тоа е едно мало текстче што му претходи на Уставот, ама тоа е филозофијата на Уставот, тоа е македонската уставно правна меморија. И вие не можете да менувате факти како оние од АСНОМ или како оние како се создавала македонската држава, што се случувало на 8 септември. Не можете од тоа да бегате. Зошто, инаку, никој тоа не го прави. Ако само вие го правите, сите ќе ви се чудат и нема да ве почитуваат, рече таа. Според Силјановска Давкова уставни измени или најголемиот дел од уставните измени до сега не се направени заради Македонија како функцинална и демократска држава, бидејќи има многу проблематични решенија во Уставот, што треба да се изменат.
На митингот во Гевгелија говореше и претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој истакна дека на Македонија и треба претседател, а не, како што рече, измеќар на ДУИ.
Тој нагласи дека 24 април е одговорот. И цврсто е уверен дека ќе им се случи народ. Затоа што предолго го потценувале и газеле. Затоа што предолго го потргнувале настрана и правеле место единствено за нивните од власта.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети на промоцијата на Бујар Османи за претседател на државата истакнал дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ веќе се обединиле против барањето на ДУИ и Европскиот фронт изборот на претседателот да биде во Собранието. ДУИ и Европскиот фронт ги потсетуваат двете гореспоменатите партии дека, како што оствари првиот премиер Албанец, така ќе биде и првиот претседател Албанец, посочија од партијата.
Кандидатот за претседател на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски ги повика на телевизиски дуел противкандидатите Стево Пендаровски и Гордана Силјановска – Давкова за, како што рече, да ги соочат пред граѓаните своите планови и програми.
Според Димитриевски, на телевизиски дуел треба да се одважат сите кандидати, посебно „оние од македонскиот и албанскиот блок кои се најфаворизирани во медиумите“.
Димитриевски, кој имаше средби со граѓани на Зелено пазарче, оцени дека претседателските кандидати од помалите партии и другите субјекти се речиси невидливи за јавноста, а кампањата не е еднаква за сите.
Билјана Ваковска, кандидатка на Левица во Кочани рече дека на непосредните средби што ги има со граѓаните го претставува она што може да се каже кога со некого разговарате очи в очи и е дел од нејзината предизборна програма, но срам за овој предизборен процес е отсуството на соочување на кандидатите за претседател.
-Без директно соочување на противкандидатите мислам дека сите ќе бидеме посрамени. Јас се чувствувам како да ме изеде туѓиот срам, а овде првенствено мислам на кандидати кои се доктори на науки, кои се професори, кои меѓусебно се провоцираат и се повикуваат еден на еден на специјални дебати, притоа игнорирајќи ги сите останати. Сите седуммина заслужуваме еднаков третман, еднаква можност пред медиумите, да го кажеме тоа што го имаме во програмите, кратко и во формат што е стандард и за западните земји и за сите демократии. Постојано кажувам и апелирам дека ние сме им должни на граѓаните, затоа што ни дале по 10 илјади потписи и многу повеќе. Очекуваат да нè видат сите, еден спроти друг, со аргументи, со тези, а потоа да ја донесат одлуката за кого ќе гласаат, согласно со сето она што сме го правеле, истакна Ванковска.
Кандидатот на Вреди, Арбен Таравар, пак, од Дебар најави забрана на коцкањето и брзите кредити, со кои, како што рече граѓаните се задолжени до гуша, додавајќи притоа дека ќе им помогнат на граѓаните овие долгови да ги покрие државата или владата.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги вчера го објави Вториот извештај од мониторингот на медиумското претставување за Претседателските и Парламентарните избори, за периодот од 8 март до 3 април 2024 година.
Мониторингот ги опфати програмските сервиси на девет национални програмски сервиси – МРТ1; МРТ2; ТВ Алсат-М; ТВ Алфа; ТВ Канал 5; ТВ Сител; ТВ Телма; ТВ 24 Вести и ТВ 21-М, со фокус на прилозите во централните изданија на вестите/ТВ дневникот што се поврзани со теми за предизборието и со домашните актуелни општествено-политички случувања, како и другите видови емисии од овој тематски делокруг.