Утре на сила стапуваат новите мерки против ширењето на коронавирусот според кои во кафеаните, кафулињата и на јавни настани ќе може да влезат само вакцинирани граѓани и тие што прележале Ковид -19 во изминатите 45 дена.
Од утре се воведува задолжителна потврда за вакцинација, најмалку една доза, за лицата над 18 години.
За спроведување на мерките ќе има редари кои ќе вршат контрола на потврди за вакцинација при влез во секаков вид објект и на отворено, вклучително и во угостителски објекти, каде има повеќе од 30 присутни лица, но и за секакакви други настани (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани) на отворено.
Останува забраната за ноќните клубови, кабареа и барови за работа во затворениот дел од објектот. Дозволено е да работат терасите со 50 проценти од капацитетот. Хотелите ќе работат со полн капацитет и по 16-ти август, само со служење пансион, во затворен простор, без потврда за имунизација од Ковид–19.
Инаку од вкупно 3.497 пациенти дијагностицирани изминатите седум дена, 3.047 се невакцинирани, а позитивни се 10 проценти од вакцинираните.