Од затворот во Струмица во моментов во бегство се 23 затвореници, информира денеска преку видео-обраќање новиот в.д. директор на затворот Зоран Ристов, посочувајќи дека ваквата за него запрепастувачка бројка е резултат на неодговорното работење на претходните раководства.
Ристов посочува дека изминатиот период во пракса било преку телефонски повик да се додели погодност на затвореник со зборовите:„Јас стојам зад тоа“.
Најави дека ваквите процеси во претстојниот период ќе бидат истражувани.
„Оваа пракса во затворот во Струмица завршува. Одговорност мора да следува. Како директор прва моја задача е да се врати достоинството и работниот имунитет на вработените. Да престанат лажните конструкции, лажните објави по социјалните мрежи и привилегиите за одредени осудени лица. Цврсто застанувам против секој обид за рекет, изнуда и притисок. Очигледно тоа е намерен инструмент за да се создаде клима за манипулација“, вели тој во видео-обраќањето.
Согласно Законот за извршување на санции и куќниот ред, Ристов вели дека затворот Струмица ќе го врати нормалниот процес на ресоцијализација на осудените лица.
„Завршува времето на омаловажувани и искористени осудени лица поради лични желби на одредени вработени. Осудените лица од овој затвор биле приморувани да вршат работни задачи на приватни имоти, особено градежи активности. Извештај за овие случувања е во тек на изработка, а санкциите ќе бидат неизбежни“, рече Ристов.