Со поставување на симболичната инсталација „63 бели столчиња – 63 животи“ во Паркот на револуцијата и со комеморативен настан во Центарот за култура „Бели мугри“ денеска во Кочани беше одбележана годишнината од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, во кој на 16 март минатата година згаснаа животите на 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Одбележувањето почна утрово со поставување 63 бели столчиња наредени на отворено, со една бела роза на секое од нив и отворена книга на жалост како немо сведоштво за прекинатите животи, со порака „63 бели столчиња, 63 имиња, 63 животи што недостигаат – секое столче ја носи тишината на едно отсутно присуство, бела роза за спомен, светлина за сеќавање и место што никогаш нема да биде исполнето“.

Во Паркот на револуцијата митрополитот на Брегалничката епархија, г. Иларион, во сослужение со свештеници од кочанскиот црковен храм „Св. великомаченик Ѓеорги“, одржа молитва за упокоените. На молитвата присуствуваа семејства на загинатите и повредените во пожарот, претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, како и претставници од политичката, академската и општествената заедница.

Централната програма продолжи со комеморативен настан „Ден на сеќавање – 16 март 2025“ во Центарот за култура „Бели мугри“. Салата беше премала за да ги прими сите граѓани што сакаа да присуствуваат поради што комеморацијата се следеше и преку пренос во живо пред Центарот за култура, каде што голем број граѓани ја следеа програмата.
– Изгубивме идни инженери, доктори, бизнисмени, наставници, занаетчии, работници, идни мајки и татковци. Изгубивме цела генерација млади луѓе, кои требаше да бидат иднината на нашата држава. Трагедијата што го потресе Кочани е рана за целото наше општество. Таа сите нè направи кревки и ранливи, нè соочи со смртта одблиску и ни покажа колку е тенка границата помеѓу животот и смртта, колку е непредвидлив животот и колку е нужно да се избегнува сето зло на земјата и да се следи доброто, колку сме си важни едни на други и во добро и во зло – беше посочено на комеморацијата.

Во атмосфера на тага беа прочитани имињата на сите 63 жртви од трагедијата, со порака дека споменот за нив останува трајна обврска на семејствата и заедницата.
– Песната во грло им беше кога заминаа и додека тие со песна беа дочекани горе, нам само тагата ни остана… затоа пејте ни ангели… Диме Димитријев, Сара Алексова, Моника Спасова, Тоше Тодоровски, Александар Коларов, Адријан Живков, Александар Алексов, Ѓорѓи Величков, Јорданчо Џамов, Иван Трајчев, Џоко Ѓоргиев, Александар Глигоровски, Иван Величков, Андреј Стојанов, Ивона Антова, Павел Христовски, Никола Насевски, Тоше Богданов, Ана Коцева, Гордан Петрушов, Игорчо Горгиев, Филип Стефановски, Томче Стојанов, Моника Стоименова, Стојанчо Стојанов, Сара Пројковска-Николовска, Марија Шопова, Александар Ѓорѓиев, Петар Ивановски, Бојана Закова, Матеј Марковски, Ѓорѓи Василков, Александар Петров, Андреја Горѓиевски, Марија Стрезоска, Александар Ефремов, Лепа Тасева Стојковска, Игор Велков, Божидар Минов, Мартин Атанасовски, Стефанија Соколова, Томас Златков, Кети Милковска, Виктор Јорданов, Андреј Панов, Спиро Стоименов, Јове Владимиров, Стефан Тасевски, Ице Андонов, Александар Стојанов, Сања Христова, Дамјан Танески, Андреј Лазаров, Драгана Минова, Филип Ивановски, Сара Јорданова, Леонид Велков, Надица Наунова, Димитар Иванов, Алексова Стефанија, Стојанче Стефанов, Александар Карадаковски и Владимир Блажевски. Почивајте во мир. Никогаш нема да бидете заборавени и ќе живеете во нашите срца – беше порачано на настанот.

На одбележувањето премиерот Христијан Мицкоски се потпиша во отворената книга на жалост како израз на солидарност и испрати порака преку објава на својот фејсбук-профил, во која наведува „оддаваме тивка, но длабока почит кон невините животи што прерано згаснаа. Една година подоцна, болката и празнината сè уште се чувствуваат во секое срце, но заедно со нив живее и сеќавањето на недовршените соништа“.
За своето присуство на комеморацијата, Мицкоски вели дека е искрен чин на почит кон настраданите, како израз на солидарност со нивните семејства упатувајќи порака за единство и зачувување на споменот.
– Денес, во Кочани, оддаваме тивка, но длабока почит кон невините животи што прерано згаснаа. Една година подоцна, болката и празнината сè уште се чувствуваат во секое срце, но заедно со нив живее и сеќавањето на недовршените соништа. Со голема почит се потпишав во книгата на жалост како искрен чин на почит кон настраданите и како израз на солидарност со нивните семејства и присуствував на комеморативниот настан „Ден на сеќавање – 16 март 2025“ во Центарот за култура „Бели мугри“. Нека споменот за нив остане вечен, а нашата заедничка човечност и единството нека бидат сила што ќе нè води напред. Со длабоко сочувство кон семејствата, Кочани памети, Македонија памети – напиша Мицкоски на „Фејсбук“.

По одржувањето на комеморативниот настан, присутните го посетија и меморијалот „Недовршени соништа – секое име е нечиј свет“ во чест на жртвите од несреќата.
Настанот беше организиран од Општина Кочани и од родителите на загинатите. (МИА)




