Опозициската ВМРО-ДПМНЕ продолжи со барањето за одговорност и оставки поради пожарот во модуларната болница во Тетово, а од Владата повикуваат трагедијата да не се злоупотребува за политички цели.
Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера и ја врати на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Предлог-одлуката за формирање Анкетна комисија во Парламентот за несреќата во модуларната болница во Тетово, со образложение дека е неуредна. Во одговорот што го упати до ВМРО-ДПМНЕ Џафери наведе дека предлог одлуката не е во согласност со Амандманот XXXIII од Уставот на Република Северна Македонија и посочи да биде усогласена во рок од 15 дена.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, сметаат дека со ваквиот потег парламентарното мнозинство не сака да го расчисти случајот и не сака да добијат одговор, како што изјави пратеникот Антонио Милошоски, прашањата кој ја носи политичката и кривичната одговорност за трагедијата која чинеше 14 човечки животи.
-Сметаме дека г-динот Зоран Заев се уште тактизира за да го заштити министерот Филипче, а пратеничкото мнозинство СДСМ – ДУИ за да ги заштити и надлежните во Општина Тетово и во клиничката болница во Тетово, рече Милошоски.
Како што наведе опозициската партија во соопштение, СДСМ одбива во Собрание да дискутира за несреќата во Тетово.
-Пратениците од власта бегаат од соочување на аргументи за несреќата и не сакаат да достават никакви информации за трагедијата во која изгореа 14 луѓе, а го одбија и предлогот да се формира анкетна комисија. Граѓаните треба да бидат свесни дека ваквиот однос на пратениците од власта е согласување со ставот на Заев за кого несреќата е банална, наведоа од ВМРО-ДПМНЕ во реакција на прес-конференцијата на Јован Митрески од СДСМ, кој обвини дека опозицијата во Собранието блокира се што е во интерес на граѓаните.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека се воздржува од сите коментари се додека трае истрагата. Во однос на неговата оставка за која премиерот најави дека ќе се произнесе откако ќе заврши истрагата рече дека никој не е неменлив. Посочи дека во истрагата за избувнувањето на пожарот во модуларната болница се вклучени институции, обвинителства и како што напомена, ќе дозволи најпрво тие да констатираат, а по завршување на процесот ќе биде на располагање за разговор или изјава.
Процесот на проверка и на комуникација со директорите на болниците, како и проверка од страна на Санитарниот инспекторат е завршен. Документацијата за модуларните болници, како што рече, е во проектната единица на Светска Банка во Министерство за труд и социјална политика и така е одговорено на барањата.
Од Владата пак повторија дека истрагите за модуларните болници ги водат задолжените институции на системот и апелираа случајот да не се злоупотребува во дневнополитички цели.
Вицепремиерот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски истакна дека Владата не може да води никакви истраги за тоа дали има корупција при јавните набавки за модуларните болници, бидејќи за тоа се задолжени институциите на системот – обвинителствата, судовите и сите оние органи кои, како што рече, ги охрабрува да си ја работат својата работа.
За овој случај се очекува независна, транспарентна и брза истрага и постапка која, како што рече, треба да финишира и да се утврдуваат причините зошто се случи овој немил настан.
– Апелирам случајот да не се злоупотребува во дневно-политички цели. Навистина граѓаните се гневни што ваков немил настан се употребува од страна на политиката. Само ќе апелирам независните истраги, постапките да се забрзаат и целата јавност да ги знае причните за она што се случи. Обвинителството ја има земено таа обемна документација што се однесува на модуларните болници кои се направени преку проект на Светска банка, изјави Николовски, потенцирајќи дека токму тие модуларни болници спасија илјадници животи на лица заразени од Ковид-19.
Лидерот на Алијасната за Албанците Зијадин Села порача дека тие како партија стојат зад секаква комисија која ќе работи за да излезе на виделина вистината и да има одговорност.
– Треба да има законска одговорност за сите тие кои беа одговорни. За жал, откога се случија овие многу тешки немили настани, јас не гледам дека обвинителството работи да повика некого на одговорност. Не треба некои експерти од странство да ни дојдат за да се гледа дека таму биле луѓе кои не требало со закон да бидат присутни. Според тоа, обвинителството за тоа треба да се занимава со директорот на болницата и низа други пропусти кои се случија. Како на пример 11 години господинот Бесими бил вршител на должност. Не знам какви други докази им требаат за да почне одговорност за овој човек, а да продолжи и со министерот и така натаму, рече Села.
Премиерот Зоран Заев останува на ставот дека ќе ги чека информациите од истрагата за пожарот, па потоа ќе донесе одлука за оставките на двајцата директори на болницата, министерот и заменик министерот за здравство. Одговорност, порача, секако ќе има, но исклучиво заради причините и аргументите кои што ќе бидат на основа на вештачењето.
-Мене ми се потребни влезните информации од извештајот, за да можам мирно да спијам и слободно да ја донесам и оправдам одлуката, без разлика дали е оставка и прифаќање или, пак, неприфаќање, рече Заев, во синоќешното гостување на ТВ 24.
Тој истакна дека бил задоволен од тоа како министерот Филипче и неговиот заменик Хасани, ја менаџираат работата во здравството за справување со пандемијата.
– Не би бил чесен ако кажам дека не сум задоволен од Филипче и заменикот Илир Хасани. Задоволен сум. Тоа го кажуваат граѓаните на сите истражувања и анкети. Зошто, заради начинот на однесувањето за време на пандемијата, начинот како се справуваше со сите одговори, прашања, транспарентноста, стабилноста, работењето со експертите, со сè. Втора работа, како кај секој човек, и кај мене, пандемијата трае, бројките се на едно лато и не се спуштаат, уште траат, горе се и треба и со тоа да се управува. Тука е одговорноста, ќе учите некој следните шест месеци, која е цената што ја плаќате со тоа, а притоа не знаете, има ли вина човекот, и заменикот, и директорите, зборувам за сите, потенцираше Заев, истакнувајќи дека тој не е човек кој што така лесно се откажува од добрите луѓе кои што ѝ служат добро на државата.
Во пожарот во тетовската модуларна болница што се случи на 8-ми, месецов, починаа 14 лица. Во истрагата на обвинителството се вклучија и германски експерти.