На голи претпоставки, без јасни докази не може да се заснова пресуда од седум години казна затвор. Обвинителството не го докажа делото кое и се става на товар на Катица Јанева, наведе нејзината одбрана, образложувајќи ја жалбата пред Апелациониот суд.
Поради суштествени повреди и погрешно утврдена материјална и фактичка состојба, одбраната бара првостепената пресуда за случајот „Рекет“ да биде целосно укината или случајот да биде вратен на повторно судење.
Адвокатот Дељо Кадиев, образложувајќи ја жалбата, рече дека навистина има голем број суштествени повреди на постапката за овој случај и затоа една третина од жалбата се однесува на тоа.
Јавниот обвинител, посочи Кадиев, транскриптите од разговорите ги дава со свои вметнати мислења и Судот такви и ги прифаќа.
-Се влијаело, затоа што обвинителството во загради ставало свои мислења, кои се цитирани потоа и во самата пресуда, изјави Кадиев.
Во однос на исказот на сведокот Орце Камчев, Кадиев рече дека, многу делови не соодветствуваат.
– ЈО во завршен збор изврши допрецизирање и измена на обвинението, во однос на враќањето на патната исправа. Ние треба да бидеме прашани за вина и да ни биде дозволено да се произнесеме по тоа, а тоа не беше направено, рече Кадиев.
Повреда на правото на одбраната, посочи Кадиев, е што не ни беа дадени сите докази.
– Зошто не ни ги дадоа не знаеме. ЗКП не предвидува кои докази смее, а кои не да бидат дадени, рече Кадиев.
Никој од обвинетите не му пришол на Јордан Камчев да бара пари, рече Кадиев, посочувајќи дека токму сведокот Ана Камчева е таа што барала контакти и самата рекал дека “добар адвокат, не е тој што го знае законот, туку тој што го знае судијата”.
– Зошто Јавниот обвинител не ги провери банкнотите и не отиде во менувачницата Бела да провери дали се заменети толку пари, кога за секое трансакциско работење има записи, рече Кадиев.
Адвокатката Ирена Фрчковска, рече дека, целосно погрешно е утврдена фактичката состојба за овој предмет.
– Како може некој со едно или две сторени дејствија да прекрши 93 одредби и тоа општо наведени, без да се образложи. Во што се состои злоупотребата на Јанева во однос на Орце Камчев. Дали видовме доказ дека Јанева зела парични средства и тие биле поврзани со Камче – не, такви докази не видовме, рече Фрчковска.
Зошто ако Катица Јанева барала пари, рече Фрчковска, тоа не било пријавено во надлежни органи и со ПИ мерки бидат обезбедни докази за тоа.
– Обвинителството не направи напори да ги достави трансакциите за повлечените пари. Обвинетите ги брани презумцијата на невиност, а Обвинителството треба да поднесе докази. За Катица Јанева, нема докази. Седум години казна затвор за незаконски снимки и изјави на сведоци кои сакаат да се спасат од закон, изјави Фрчковска.
На што се заснова оваа пресуда – на докази или индиции, дали имаме фер постапка и дали може ваква пресуда да се заснова само на исказ на двајца сведоци Орце и Ана Камчева. Нема никакво вештачење на електронски уред за овој случај, а особено мобилниот на Јовановски, наведе адвокатот Сашко Дуковски, образложувајќи ја жалбата на Бојан Јовановски пред Апелациониот суд.
Поради суштествени повреди и погрешно утврдена материјална и фактичка состојба, одбраната бара првостепената пресуда за случајот „Рекет“ да биде укината или случајот да биде вратен на повторно судење.
-Ако ја погледнете пресудата, ќе видите дека не може за сите сведоци да се зема само делот што одговара на обвинителството, а за се останато се вели дека е кажано за да му помогне на обвинетиот, рече Дуковски.
Во однос на сведокот Орце Камчев, Дуковски рече дека е незамисливо човек што дал милион евра да нема статус на оштено лице.
-На кој доказ се заснова оваа пресуда. Нема никакво вештачење на електронски уред за овој случај, а особено мобилниот на Јовановски, рече Дуковски, нагласувајќи дека иако барале како одбрана, не им било дозволено вештачење на тој мобилен.
Каде е еднаквоста на оружјата, рече тој, кога три пати предложуваме телефонот и сите уреди да бидат вештачени и три пати бевме одбивани.
-Минимум триесет пати се потенцира во пресудата дека Бојан Јовановски е со блокирана сметка и без работа кога се зборува за делото перење пари, а потоа за влијание врз Катица Јанева, се вели дека има претпоставено влијание, рече Дуковски.
Тој посочи дека Орце Камчев е сопственик на Стопанска банка Битола, која е регистрирана за менувачка работа, и чудно е зошто Обвинителството го прифаќа исказот на Орце Камчев дека ги заменил еден милион евра во менувачницата Бела, без да приложи потврда за извршената размена.
-Полицијата сама без налог, сама си врши идентификација на одземената брендирана облека и очила. Што добивате вие како судои тоа што се одземени 50 пара фармерки со цитирање на модни дизајнери, ништо. Сметам дека не може така да се постапува, рече Дуковски.
Целото ова незаконито водење на постапка и продолжувње на притворот, нагласи Дуковски, предизвика сериозни здравствени последици врз Јовановски, за што ќе бидат доставени материјални докази.
Бојан Јовановски од Основниот кривичен суд е осуден на девет години казна затвор за случајот „Рекет“, дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.
Катица Јанева, поради здравствени причини не присуствува на седницата и жалбата ќе биде презентирана од нејзините бранители Дељо Кадиев и Ирена Фрчковска.
Јанева за случајот „Рекет“ од Основниот кривичен суд е осудена на казна затвор од седум години за „примање награда за противзаконито влијание“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“. (МИА)