Во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжи судењето за случајот „Титаник“, во кој е обвинет поранешниот партиски врв на ВМРО-ДПМНЕ.

Во судот пристигнаа обвинетите поранешниот премиер Никола Груевски, поранешните министри за внатрешни работи и за транспорт и врски Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, поранешниот шеф на кабинетот на Груевски, Мартин Протоѓер, како и пратеникот Илија Димовски.

Одбраната на обвинетите во случајот „Титаник“ бара да се докаже дека снимките се автентични, односно дека не се преснимувани повеќе пати и на нив е интервенирано.

На почетокот на главната расправа, одбраната излезе со став дека бомбите не се доказ кој е предаден до судот во оригинал, туку биле преснимувани.

Одбраната го побара и записникот за предавање на бомбите од СДСМ на СЈО за периодот од 2008 до 2015 година, а го побара и документот со кој СЈО ги побарало бомбите од СДСМ.