Дел од талентираните деца размислуваат да ја напуштат државата и својата иднина да ја градат во странство.
Тие велат дека државата треба да вложи повеќе напори за задржување на кадрите, а од надлежните институции најавуваат создавање на концепт кој ќе се темели на реалните потреби на талентираните деца и на општеството и кој ќе овозможи вистинска поддршка за овие деца.
– Државата се обидува, но мислам дека треба да се вложуваат повеќе напори. Минатата година имаше гласини дека во Скопје ќе се отвори гимназија за талентирани ученици, но за жал такво нешто се уште се нема случено. Се надевам дека нешто итно ќе се преземе бидејќи се повеќе и повеќе талентирани деца се обидуваат да заминат од државата во потрага по подобро образование, вели Дарко Стојчев, талентиран ученик во прва година гимназија.
Антонио Андоновски, кој е студент на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вели дека засега има намера да остане во државата и да ги заврши студиите, но додава дека за во иднина не е сигурен. Според него, во државата има простор за остварување на плановите, но потребно е многу работа за да постигне тоа.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски смета дека е потребно државата повеќе да вложува во развојот на овие деца поради што како институција започнуваат иницијатива за создавање на концепт кој ќе овозможи вистинска, реална поддршка за талентираните деца.
– Фондот за иновации и технолошки развој веќе развива неколку иницијативи. Имаме програма за истражувачи која втора година ја реализираме. Во меѓувреме, реализиравме неколку програми за поддршка за учество на различни групи на млади луѓе на меѓународни натревари. Меѓутоа, целата таа поддршка, според мене не е доволна, изјави Деспотовски по денешната панел дискусија посветена на развојот и поддршката на талентираните деца.
Според него, потребно е да се слушнат иницијативите и предлозите на родителите и децата и заедно со нив да се изгради еден систем кој ќе одговара на нивните реални потреби.
– Не мислам дека ние како институции знаеме се. Затоа сме тука да слушнеме што имаме како предлог, да го ставиме тоа во еден пакет, да обезбедиме финансиски средства и да пробаме да го пилотираме. И наместо да зборуваме како е тоа во развиените земји, да се обидеме еден таков модел да развиеме тука, но модел што ќе се базира на реалните потреби на општеството и корисниците, а не модел каков што го замислуваме ние во институцииите, истакна Деспотовски.
Од меѓународните институции препорачуваат дека она што треба државата да го направи е да обезбеди квалитетен живот за младите и квалитетно образование кое ќе им даде можност на децата да ги развиваат своите способности.
– Според извештаите на ОЕЦД, образованието во државава во изминатите години се влошува, а во соседните држави се подобрува. Тоа мора да го спречиме и да оди во спротивен правец. Тоа се прави преку образовната реформа која треба да го подобри образованието. Исто така е важно и секој возрасен човек да се запраша дали креираме добро место за живеење на младите ако сакаме децата да ни останат тука, истакнува Бенџамин Перкс од УНИЦЕФ.
Концептот кој треба да обезбеди развој и поддршка на талентираните деца се очекува кон почетокот на летото.
Инаку, како што веќе е познато, имаше повеќе афери со стипендирање на деца во странство, на истакнати државни функционери, меѓу кои и ќерката на актуелните министер за надворешни работи, синот на прилепски пратеник и други. Исто така, во повеќе наврати се пишуваше за делењето на пари од Фондот за иновации на лица блиски до власта, меѓу кои и на една од советничките на премиерот.
Тоа предизвикува револт кај талентираните ученици и студенти, како и кај нивните родители.