-Поранешниот вицепремиер Артан Груби доби мерка 30 дневен куќен притвор со 24-часовен надзор, одлучи судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје.
Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, по произнесување на осомничениот А.Г., кој вечерва беше спроведен во Судот, донесе решение со кое го прифати предлогот на јавниот обвинител и на одбраната за определување мерка куќен притвор со дополнителни мерки за обезбедување присуство против осомничениот.
„Во текот на денот, одбраната на осомничениот, до Судот достави предлог за замена на мерката притвор со куќен притвор, кој предлог е проследен до надлежното јавно обвинителство, за да се произнесе по истиот. Со оглед на фактот дека Jавното обвинителство ја води истрагата и согласно законските овластувања оценува која мерка е соодветна и доволна за непречено водење на истрагата, Обвинителството до Судот писмено достави позитивно мислење, а воедно на самата расправа за сослушување и јавен обвинител предложи определување поблага мерка за обезбедување од претходно определената. Врз основа на сето тоа Судот го сослуша осомничениот во присуство на негов бранител и донесе решение за замена на мерката притвор со мерка куќен притвор со 24 часовен надзор, кој што е доверен на Министерството за внатрешни работи, а дополнително определена е и мерка за претпазливост – одземање на патната исправа и забрана за издавање друг документ за преминување на државната граница“, информираа вечерва од Судот.
Против ова решение Груби има право на жалба пред Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје.
Поранешниот прв вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците утрово беше приведен на граничниот премин Блаце откако повеќе од една година беше во бегство.
– Денеска (23.2.2026), во 6.10 часот, на граничниот премин Блаце, на влез во државата, од слобода е лишен Артан Груби (48), кој беше баран со меѓународна потерница за истрага за сторено кривично дело по чл. 354 ст. 5 в.в. ст. 3 в.в ст. 1 в.в со чл. 22 од КЗ – соопшти Министерството за внатрешни работи.
Груби е осомничен за проневера во „Државната лотарија“, каде што заедно со Перпарим Бајрами е осомничен за криминал од осум милиони евра преку нарачка на ВЛТ-апарати.
МИА




