Владата на денешната седница одлучи учебната 2021/2022 година да започне со физичко присуство со полн капацитет, по предлог на Министерството за образование и наука, а со одобрување на Комисијата за заразни болести.
„Исклучоци од оваа одлука може да се однесуваат на деца со ретки болести или попречености, деца што доаѓаат од семејства со хронично болни членови, по барање на родителите, како и други немедицински причини со дозвола на училиштето“, информираат од Владата.
Досега над 62 отсто од наставниот кадар е вакциниран претходно информираше министерката за образование и наука Мила Царовска.
„Презадоволна ќе бидам ако постигнеме 80 проценти. Наставниците се враќаат од одмор и сигурна сум дека ќе има уште една поголема акција на вакцинирање до 1 септември и уште побезбедно ќе се чувствуваме во училиштата“, изјави Царовска за новинарите.
Епидемиолошки служби во училиштата, појасни таа, ќе проценуваат и ќе утврдуваат дали некој ученик/ци или цело одделение ќе треба да бидат изолирани. Доколку некој ученик е ковид-позитивен, епидемиолозите на лице место ќе одлучуваат дали само тој, неколку ученици или пак цел клас ќе одат во изолација.
Сите влезови во училиштата треба да бидат отворени, мора да има редарска служба, на децата и наставниците ќе им се мери температура, задолжителна е дезинфекција на рацете, забранет е влез без заштитна маска, внатрешните простории мора да се проветруваат и дезинфицираат, не е дозволено мешање на деца од различни паралелки, контактите на наставниците со родителите на учениците може да бидат само преку телефон или интернет, се вели меѓу другото во протоколите за заштита од Ковид-19 за наставата со физичко присуство од 1 септември.
Сепак, Царовска истакна дека наставата со физичко присуство ќе се реализира додека ситуацијата со ковид 19 не се влоши.
Денешниот биланс за ковид-19 во земјава е 999 новозаразени, 184 оздравени пациенти и 14 починати. Што подразбира Царовска под влошување при вакви бројки, веројатно ни самата таа не знае!