Вработените во Секјуриком ќе ја добијат платата за јули и август. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска соопшти дека до Основниот суд Скопје 1 – Скопје доставиле согласност за одмрзнување на сметка на компанијата.
За Секјуриком беше донесено Решение за привремено запирање на извршување на финансиски трансакции и привремено замрзнување на сметки на сопстевникот Волфганг Гампер и поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Васе Доневски за кои е поднесено обвинение за криминал тежок над 10 милиони евра преку тенедери за одржување на просториите на Владата, како и за четири правни лица.
– Следејќи ја состојбата на вработените и грижејќи се за почитување на законските права на работниците на кои неколку месеци не им се исплатени плати и придонеси за нивната работа во правното лице за чиј сопственик е покренато обвинение, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје достави согласност за одмрзнување на сметка на правното лице, се маведува во соопштението на ОЈО.
Одмрзнувањето на сметката преку која се исплаќаат платите и придонесите за вработените е до износ со кој се покрива нивната исплата за месец јули и август.