Две победи над Белорусија и над Словенија, блескав сет против Русија, пораз во нијанси од Финска, објективно слаб натпревар против Турција.
Македонските одбојкари тагуваат за осминафинале, но не разочараа. Напротив! Оставија одличен впечаток во дебитантскиот настап на европските првенства или поинаку кажано, одиграа над сите очекувања, е ставот на Одбојкарската федерација на Македонија по епилогот во Ц-групата од ЕП.
Турција синоќа загуби од Финска и со тоа пропадна шансата македонската репрезентација да игра осминафинале на евро-шампионатопт.
– Веруваа во себе, дури и по трите почетни порази, си подарија себеси две блескави победи, до завршниот сет во 25-от натпревар од групата во “Стожице” беа во игра за осминафинале во Нант против Франција. Не дочекаа, но ја разбудија нацијата којашто ги бодреше од срце. Нивниот успех не е спорен, не смее да биде сомничаво гледан ако се знае кои сме, какви сме и од каде доаѓаме! – стои во соопштението на ОФМ.
Може да се тагува, но не премногу, ниту пак предолго. Наредните квалификации се во август, а следното европско за две години. Оваа генерација може уште еднаш да биде на континенталниот собир, а тогаш нема да зборуваме за прв поен, прв сет или прва победа. Тогаш ќе зборуваме за прво осминафинале, очекуваат во федерацијата.