Вооружени напаѓачи отвориле оган врз автомобил во кој се наоѓал локален безбедносен функционер во руската севернокавкаска област Ингушетија, при што убиле три лица, меѓу кои и еден полицаец, јави ТАСС, повикувајќи се на истражители.

Агенцијата го цитира локалниот огранок на рускиот истражен комитет дека синоќа бил отворен оган врз автомобил доделен на заменик-шефот на Центарот за борба против екстремизмот во Ингушетија.

Локалниот огранок соопшти дека е отворена кривична истрага за инцидентот и оти се трага по оние кои стојат зад нападот. Напаѓачите побегнале од местото на злосторството и се упатиле кон соседниот регион Северна Осетија.

Ингушетија е во непосредна близина на Чеченија, во центарот на често нестабилниот регион на Северен Кавказ.

Фото: Гугл мапи