Се ограничува извозот на пченица и наполица, јачмен, пченка, брашно од пченица и наполица, семе на сончоглед, како и масла од семе од сончоглед, одлучи Владата на 26-тата седница.
-Одлуката за ограничување на извозот на овие стоки Владата на С. Македонија ја донесе како превентива за да се избегнат шпекулативни дејствија на трговците и производителите и за заштита на домашното производство, домашниот пазар и граѓаните. Оваа одлука е донесена како реципрочен одговор на сличните мерки што ги донесоа земјите во регионот, информира владината прес-служба.
Во образложението за оваа одлука, Владата напоменува дека во земјава има доволно количини на пченица и пченка во приватните млинови, кои се различни од стоковните резерви.– Тука станува збор за количини за покривање на домашните потреби, односно во млиновите во земјата има преку 50.000 тони залихи од пченица, преку 10.000 тони пченка и над 8.000 тони јачмен, што се должи и на растот на домашното производство на пченица од 195 илјади тони во 2017 година, на 253 илјади тони во 2021 година, се наведува во соопштението.
Владата посочува и дека стоковните резерви на основните производи, како што се пченица, пченка, јачмен, сончогледово масло, нафтени деривати и другите производи, ги има во доволни количини и нема потреба од дополнителна интервенција.
Македонија, како што е познато, не произведува доволно количини пченица и други видови жита од наведените за задоволување на своите потреби, туку се снабдува од увоз.