Децата се нашата иднина, вложувањето во нив, во знаењето е сила што ќе ги придвижи сите. Силата на нашиот град потекнува од нашите различности. Развојот на различностите е доказ за слободоумието и инклузивната култура како белег на Охрид, порача денеска Митре Милошевски, кандидатот за градоначалник на Охрид поддржан од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Милошевски ја нагласи заложбата за унапредувањето и развојот на образованието, со цел обезбедување квалитетна настава и креирање можности за унапредување на воспитно-образовниот процес.
Притоа најави повеќе проекти од неговата предизборна програма, насочени токму кон унапредувањето на образовниот процес како изградба на ново училиште „Братство-Единство“ во Лескајца, реконструкција на училишната зграда на ОУ „Св. Климент Охридски“, реконструкција на училиштата во Долно Коњско и Елшани, реконструкција на дограма поткровје на ОСУ „Свети Климент Охридски“.
– Реконструкција на санитарни јазли во сите образовни институции, но ќе бидеме отворени и за останатите проекти коишто ќе дојдат како предлог од самите училишта до Локалната самоуправа. Изградба на нова детска градинка, како и продолжување на започната реконструкција од пред две години на градинките Росица и Развигорче, а сега и на градинката Лихнида, рече тој.
За образованието како процес тој истакна дека претставува основен предуслов за решавање на проблемите од современото живеење, така што само образована и стручна младина во современи услови ќе одговорат на предизвиците од модерното општество.
– Охрид и охриѓани заслужуваат нови реформи и проекти во образованието. Визијата е да имаме квалитетно образование, просперитетно и модерно образование, рече Милошевски.