Дваесет и еден од 22 пријавени пливачи точно на пладне влегоа во водите на Охридското Езеро кај Свети Наум, на стартот на 33-тиот меѓународен Охридски пливачки маратон.
Четиринаесет пливачи и осумте пливачки од седум држави ќе треба да ги испливаат 25-те километри колку што е долга патеката „Климе Савин“, од Свети Наум низ десет контролни точки до целта кај Градското пристаниште во Охрид.
Моменталните временските услови засега се идеални за добра трка, водата на езерото е мирна со температура од 24 степени. Во такви услови на пливачите за да стигнат до целта ќе им бидат потребни околу четири до четири и пол часа.
Македонската пливачка експедиција оваа година ја сочинуваат Евгениј Поп Ацев, Александар Илиевски и младиот Леонид Мишевски. Поп Ацев после три одржани маратони во рамки на серијата на ФИНА е на второто место, со само три бода заостанување зад Едуардо Стокино од Италија кој исто така денеска плива во Охрид,
Во водите на Охридското Езеро е и французинот Аксел Рејмонд, двократниот светски првак во пливање на 25 километри од Будимпешта и Гуанжу, како и рекордер на 30-километарскиот Охридски маратон (2013 г.) што до пред две години се пливаше тука.
Наградниот фонд за маратонот што се плива под покровотелство на Претседателот на Република Северна Македонија изнесува 15 илјади долари. Охридскиот маратон е четврти од серијата шест трки што се одржуваат во рамки на „Гран-при“ серијата на отворени води на ФИНА. До крајот на оваа сезона после маратонот во Охрид преостануваат уште трките во Хрватска и во Италија.