Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против даночен инспектор и уште две лица за примање поткуп.
-Првообвинетиот се товари дека како службено лице – даночен инспектор во Управата за јавни приходи при Министерството за финансии – Регионална дирекција Скопје, индиректно, преку двете други обвинети лица, побарал парични средства во износ од 5.000 евра од вработена во едно правно лице. Парите потоа лично ги примил за да не изврши службено дејствие што би морал да го изврши, односно да направи дополнителни и детални контроли на даночниот субјект по однос на пресметката за плаќање на даночната обврска на правното лице во кое основач и управител била сестра на оштетената, соопшти денеска Јавното обвинителство.
При извршување на кривичното дело, со умисла му помогнале двајцата други обвинети, сопственици на сметководствено биро од Скопје, преку давање совети и упатства, како и директно посредувајќи во комуникацијата со оштетената со која претходно се познавале.
-Обвинетите, на 5.11.2018 година, во еден угостителски објект, организирале средба на која оштетената на првообвинетиот му ги предала парите во износ од 5.000 евра во десет банкноти во апоени од по 500 евра. Банкнотите биле претходно крим-технички обработени од страна на полицијата. Обвинетиот ги ставил обележаните банкноти во џебот од палтото и по интервенција на полициските службеници бил затекнат со нив кога го напуштал угостителскиот објект, велат од Обвинителството.
По предлог на надлежен јавен обвинител, на првообвинетиот по лишувањето од слобода му беше определена мерка притвор, која од 11.01.2019 година со решение е заменета со мерка куќен притвор.
-Ценејќи дека и натаму постојат основите заради кои беше определена мерката, односно постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, основан страв дека обвинетиот ќе ги сокрие или уништи трагите на кривичното дело и ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и соучесниците, како и особените околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело, јавениот обвинител до Основниот суд Скопје 1 достави и предлог за продолжување на мерката куќен притвор, се наведува во соопштението.