Изборниот ден на кој граѓаните гласаат во првиот круг на седмите претседателски избори до 13 часот поминал мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес, изјави јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, претседателот на привремената Комисија на Јавното обвинителство на Република Македонија за следење на евентуални изборни нерегуларности.
Од настаните кои се пријавени, тој во изјава за медиумите, информираше дека во текот на вчерашниот ден во Основното јавно обвинителство во Делчево бил заведен предмет по побарани наредби од Министерството за внатрешни работи за вршење на увид во службената документација на Јавните комунални претпријатја во Делчево и Македонска Каменица поради сомненија за кривично дело поткуп при избори и гласање од член 162 од Кривичниот законик (КЗ).
Имено, како што соопшти Бајрами, сомневањата биле за наводно поставување на водомери на граѓани од јавните комунални претпријатија без паричен надоместок, а заради поткуп при избори.
Тој информираше и за настан во селото Бучим, а за кој денеска било известено Основното јавно обвинителство во Радовиш дека гласач пред да го пушти гласачкото ливче во кутијата го покажал на набљудувач од политичка партија.
Дадени се насоки за проверување дали постојат елементи на кривично дело од член 160 од Кривичниот законик – повреда на слободата на определување на избирачите“, рече јавниот обвинител Бајрами.
Според него, станува збор за исклучително мал број на вакви настани, па, како што додаде, генералната оценка за изборниот процес до овој момент е дека тој поминува без поголеми нарушувања кои би содржеле елементи на кривично дело.
Како што додаде тој, од утрово не се регистирани пријави за кривични дела поврзани со изборите и на електронската пошта izbori@jorm.mk, што според обвинителот, исто така го одразува досегашниот мирен тек на изборниот процес.
Инаку, во привремената Комисија на Јавното обвинителство за следење на евентуални изборни нерегуларности е составена од преставници на четирите виши јавни обвинителства во државата, како и од Основното јавно обвинителство, кое е со најголем обем на работа.