Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе обвинителен предлог против даночна инспекторка за сторено кривично дело – примање поткуп, соопшти Јавното обвинителство.
Обвинетата се товари дека како службено лице – даночен инспектор во Управата за јавни приходи при Министерството за финансии – даночно одделение Кавадарци, побарала парични средства од сметководител на правно лице од Неготино.
Обвинетата која вршела контрола во правното лице, побарала да и бидат дадени 1.000 евра за да не сочини записник од извршената контрола во кој ќе констатира неправилности во работењето на правното лице. Барајќи поткуп, обвинетата ги условувала оштетените дека доколку не и биде исплатена побараната сума, поради неправилностите што ќе им бидат констатирани во записникот, правното лице и одговорното лице ќе треба да платат парична казна од многу повисок износ.