Објавувањето фотографии на гласачи е противправно дејство кое го нарушува процесот на гласање и претставува попречување на правото на гласање. Секое сликање или снимање на гласачи при остварување на нивното право, како и какво било попречување на гласањето и процесот на спроведување на референдумот не се дозволиви согласно на закон, соопшти Комисијата за следење евентуални противправности сторени при организирањето и спроведувањето на референдумот при Јавното обвинителство на РМ.

Според Комисијата, вакви дејства преземени во текот на процесот на гласање, ќе бидат предмет на приоритетно постапување на Јавното обвинителство.

Комисијата, како што информира, продолжува перманентно да го следи процесот на гласање за што се воспоставени и дополнителни дежурства во јавните обвинителства.

– За евентуално извршени кривични дела и поведени постапки против сторителите, јавноста ќе биде информирана, стои во соопштението од Јавното обвинителство на РМ.​

МИА